Посочи дека предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година
Се повлекува изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование по реакциите од јавноста за негово воведување, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Најави дека неговата програма ќе биде подложена на ревизија.

„Ги повлековме програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, за да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми за семејство, за заштита од сексуално преносливи болести, за заштита од несакана бременост, за родова рамноправност и за недискриминација меѓу половите“,
рече таа.
Побарала, како што додаде, од Бирото за развој во образованието (БРО) детално да ја разгледа програмата.
Сепак, псоочи и дека лично ќе се вклучи во процесот.
„Јас не сум стручна, но лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблематично“,
кажа Јаневска.
Според неа, постојат научни докази оти сексуалното образование во средното образование е корисно, особено во периодот кога младите се соочуваат со темите опфатени во предметот.
Посочи дека предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година.
„Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем“,
додаде министерката.
