Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, изјави дека Гоце Делчев треба да ги обединува С. Македонија и Бугарија а не да ги разделува.

Изјавата ја даде на гостување на телевизијата БТВ, на директното прашање на водителката- чиј е Гоце Делчев, на Бугарија или на С. Македонија?
„Гоце Делчев е заеднички. Имаме заедничка историја. Токму тоа го вели и договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете држави. Со тој договор Бугарија сака да се каже вистината, дека Гоце Делчев е Бугарин, виден револуционер, кој се борел за автономија на Македонија и Одринска Тракија. Не разбирам зошто толку се караме за него. Мислам дека таа личност треба да не обединува, а не да не разделува“
изјави Захариева.
Во истиот јавен настап, Захариева кажа дека е долг патот до конечен договор во однос на историските прашања меѓу двете земји, но потсети дека овој дијалог бил незамислив пред само две години. Потенцираше дека односите со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров се исклучитено добри.
Овој став на Захариева е далеку поумерен од нејзиниот став на 15 јуни, кога С. Македонија предложи а Бугарија навредено одби, заеднички да се чествува 7 октомври, денот кога во 1946 од Софија се пренесени моштите на Делчев во Скопје. Министерката за надворешни работи тогаш имаше повеќе јавни настапи во бугарските медиуми во кои со агресивен тон зборуваше на оваа тема. Повеќе, можете да прочитате ТУКА.