„Доколку погледнеме наназад, имаме вкупно 28 надминувања оваа година од 35 дозволени, а имаме уште неколку дена до крајот на годината и се надевам дека Штип ќе остане во законските рамки. Ретки се деновите како изминатите неколку на мирна атмосфера и засега сметам дека Штип сепак има најдобар квалитет на воздухот од поголемите урбани средини во државата“, вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, кој раководи и со лабораторијата АМБИКОН
Меѓу урбаните средини во државата во кои изминативе денови беа измерени високи нивоа на аерозагадување се најде и Штип, што е реткост за овој град.

Станицата за мерење на квалитетот на воздухот во Штип изминатите три дена бележеше зголемена концетрација на ПМ-честички, кои се движеа од 70 до 100 микрограми на метар кубен, наместо дозволените 50.
Според ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, кој раководи и со лабораторијата АМБИКОН, ова се должи на серијата денови со мирен воздух, без ветер, што е невообичаено за градот.
„Доколку погледнеме наназад, имаме вкупно 28 надминувања оваа година од 35 дозволени, а имаме уште неколку дена до крајот на годината и се надевам дека Штип ќе остане во законските рамки. Ретки се деновите како изминатите неколку на мирна атмосфера и засега сметам дека Штип сепак има најдобар квалитет на воздухот од поголемите урбани средини во државата“,
вели тој.
Од попладнево ПМ-честичките по три дена загаден воздух во Штип се намалуваат и на мерната станица на зградата на Општина Штип покажуваат дека концентрацијата на овие честистички, штетни за човековото здравје, се доближува до дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен.
Лабораторијата АМБИКОН со која раководи Мираковски е проект на УНДП и на Шведска и со неа се мери загаденоста на воздухот во Струмица, Кавадарци, Куманово, Струга и Гостивар.
Како што информира денеска ректорот на УГД, мерењата во три града се завршени.
„Се мерат внатрешните концентрации во училиштата и градинките. Во три градови завршени се мерењата во зимската сезона, во Струмица, Кавадарци и Куманово, а во моментот мериме во Гостивар. После распустот ќе ни остане уште Струга, за зимската сезона“,
рече Мираковски.

Шведска и УНДП за имплементација на овој проект издвоија 2,3 милиони евра преку кој со софистицирана опрема на лабораторијата се мери квалитетот на амбиенталниот воздух надвор и во затворени простории во петте општини. Под притисок врз индустријата и промената на начинот на греење во домовите, од 2012 година па наваму, резултатите од мерењата покажуваат дека опаѓа концентрацијата на ПМ-честички во воздухот, но процесот се одвива многу бсвно и ќе бидат потребни повеќе години за да имаме квалитетен и чист воздух.
Инаку, пред два дена од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека во Кичево и Струмица стапуваат во сила мерките и препораките поради зголеменото аерозагадување, односно поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички во текот на два последователни дена.
Во двата града, како што соопштија од Министерството, на 19 и 20 декември се измерени повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање. Мерните станици во Кичево и Струмица на 20 декември измерија 179, односно 206 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, а во вторникот нивната концентрација била 152 и 185 микрограми на кубен метар.
Поради зголеменото аерозагадување без издадени препораки работодавците треба да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.