Што правиме во Долнени, Чашка или Арачиново? Таму во втор круг се СДСМ и ДУИ, вели Заев
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека нема да им сугерира на партиските поддржувачи за кого да гласаат во вториот круг од локалните избори во Тетово, каде што останаа кандидатите на ДУИ (Теута Арифи) и на Беса (Биљал Касами).
Тој вели дека кога остануваат двајца кандидати од коалициските партнери оставаат партиските поддржувачи слободно да одлучат за кого ќе дадат глас. Посочи дека така ќе биде и во оние општини каде што за вториот изборен круг се останати кандидатите на СДСМ и на ДУИ.
„Што правиме во Долнени, Чашка или Арачиново? Таму во втор круг се СДСМ и ДУИ…Кога сме со двајца кандидати од коалициските партнери, нашите поддржувачи одлучуваат слободно. Уште во неделата вечер рековме дека никој од нас гласачите не ги носи во џебот, ниту имаме контрола врз нив. Ние може да ги привлечеме со нашите програми, со нашите кандидати и да ги повикаме на основа на вредност. Дури и нашите членови и активистите на СДСМ ќе добијат инструкции за слободно и по сопствено убедување да гласаат во Тетово, Желино… Нормално, ќе добијат задача да гласаат за СДСМ во Чашка, Арачиново и во Долнени, затоа што таму има кандидат СДСМ. Така што, ние може само на нашите членови да им дадеме инструкции, бидејќи тие се наши активисти и се определиле за оваа опција и во наше име тропнуваат на вратите кај граѓаните, но симпатизерите, нормално, сами си се определуваат за кого ќе гласаат“,
рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.