Во денешната изјава, тој порача дека „Европа е кабаетлија и ни должи многу“, а до Бугарија испрати „замолница“ да ја поддржи Северна Македонија и порача дека историјата е важна, но уште поважна е историјата што се пишува денеска
Премиерот не сакаше да ја коментира кавгата помеѓу претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, поради Македонија, велејќи дека не е запознаен, но и дека не сака да навлегува во тоа
Секојпат ни се добредојдени пријатели што сакаат да помогнат. Но, дефинитивно, ова е билатерален спор и ние билатерално треба да го решиме, вели премиерот Зоран Заев во коментар во врска со вчерашната изјава на претседателот на Бугарија, Румен Радев, дека не сака како посредници во спорот помеѓу Скопје и Софија да се вклучат историчари од европските земји.
Зборувајќи дека ова прашање треба да се реши билатерално, Заев потсети дека вчера разговарал со новиот бугарски премиер Стефан Јанев, со кого рече дека договориле конкретни чекори, но истакна дека ќе ги почекаат претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски да се вратат од заедничкото патување во Рим и Ватикан.
„Затоа и вчера имав разговор со бугарскиот премиер кој беше многу пријатен. Договоривме некои следни чекори, верувам дека ќе бидат потврдени и од нивна страна. Секако, согласно вестите што ќе ни ги донесат двајцата претседатели кои денеска се враќаат од Ватикан, за да кажат детали од самите разговори. Но, самиот разговор го потврди уште еднаш големото пријателство помеѓу двете земји. Наша желба, а верувам и нивна аспирација во иднина ќе биде поддршката на целиот Западен Балкан за интеграцијата во ЕУ. Она што е значајно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање на решенија“,
изјави Заев.
Во изјавата тој порача дека „Европа е кабаетлија и ни должи многу“, а до Бугарија испрати „замолница“ за да ја поддржи Северна Македонија и порача дека историјата е важна, но уште поважна е историјата што се пишува денеска.
„Јас едно ќе кажам, Европа е кабаетлија и ни должи многу. Европа е Бугарија и Грција и сите други земји членки на ЕУ. 16,5 години направивме како чекаме пред вратите на ЕУ. 2001 година, веднаш по Словенија, потпишавме договор за асоцијација и стабилизација, пред Хрватска, а Хрватска еве слави 8 години од членството во ЕУ. Што е многу – многу е. Испорачавме сѐ, нема дилеми ни дома ни надвор, и за делот на реформите, и за европските манири, и за дипломатскиот начин на дијалог и решавање на проблемите, докажавме и одржавме лекции за целиот европски континент и навистина заслужуваме. Јас ја испраќам пораката за замолница за поддршка од Бугарија кон Северна Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби, не е така лесно да се градат пријателства, да се унапредуваат врските и соработката. Не велам дека историјата не е важна, таа доминантно ѝ припаѓа на историчарите, но историјата што денеска ја пишуваме и им ја оставаме во наследно на младите е најважна на свет затоа што таа ја отвора иднината на идните генерации“,
рече Заев.
Премиерот не сакаше да ја коментира кавгата помеѓу претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, поради Македонија, велејќи дека не е запознаен, но и дека не сака да навлегува во тоа.
„Не би го коментирал, не знам детали, прочитав дека нешто се случило. Бугарија ни е огромен пријател, Хрватска ни е огромен пријател. Се надевам дека ќе се изнајде позитивно решение. Не би навлегувал во таа работа и да знам детали“,
рече Заев.
Причина за кавгата меѓу премиерот и претседателот на Хрватска, како што јави телевизијата Н1, се серијата напади врз државјани на Бугарија во Загреб, за кои премиерот Андреј Пленковиќ рече дека се предизвикани од изјавите на претседателот Зоран Милановиќ, кого тој го обвинува дека со своето однесување е подбуцнувач и виновник за инцидентите.