Во пресрет на состанокот меѓу Заев, Рама и Вучиќ, експермиерот на Албанија Сали Бериша повика на протести против „антиалбанското сценарио“ на оваа иницијативата
Премиерот во заминување Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација во Тирана, каде што на 20 и на 21 декември ќе се одржи нова средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која е најавено присуство и на српскиот претседател Александар Вучиќ и на домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.
Од Владата потврдуваат за “360 степени“ дека Заев ќе присуствува на овој состанок во рамки на регионалната иницијатива, по неговото отсуство на последните состаноци во Србија, по локалните избори во земјава, на кои македонската Влада ја претставуваше вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
На состанокот во Тирана, меѓу другото, на оваа средба, се очекува да биде потпишан Меморандум за работни визи меѓу трите земји.
Како што пренесува МИА , веднаш по веста за состанокот, поранешниот претседател и експремиер, Сали Бериша, повика на национални протести, кои, како што изјави, се први во рамките на „револуцијата“ и имаат две главни цели: Против ’Отворен Балкан’ и против националната кражба, односно, според него, против обидите на Рама и на Вучиќ за поделба на Косово.
Гостувајќи во телевизиска емисија тој го повтори предупредувањето до Вучиќ да не помислува да дојде во Тирана, затоа што ќе има полни улици и плоштади против него, што го кажа и на Националното собрание на 11 декември.
„На 20 декември народот е на протест. Завршува непријателското антиалбанско сценарио на ’Отворен Балкан’, што е замена за Берлинскиот процес со она на Путин. Предупредив дека ќе има национални протести’,
рече Бериша, кој неодамна предизвика смена на челното место во неговата Демократска партија на Албанија, а откако САД го прогласија за „персона нон грата“.
Премиерот Заев вчера влезе во вербален судир со македонскиот претседател Стево Пендаровски во врска со иницијативата „Отворен Балкан“. Заев, како еден од основачите на „Отворен Балкан“, заедно со Вучиќ и со Рама, изрази изненадување од изјавата на Пендаровски, кој, за време на посетата на Косово, оцени дека оваа иницијатива е фалична од самиот почеток, бидејќи, наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан, во неа се само половина.
Пендаровски, пак, возврати дека уште во 2019 година изразил резерви за „Отворен Балкан“, бидејќи ќе бил против ако тоа претставувало обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членството во ЕУ. Но ја поддржал иницијативата откако добил уверување од вклучените во неа дека нивната идеја не е таква.