Премиерот Зоран Заев денеска објави дека токму тој го пријавил случајот „Рекет“ во јавното обвинителство. Изјавата ја даде на новинарско прашање- дали некои од уценуваните бизнисмени му се обратиле и нему лично за да му се пожалат.
„Да, се обратиле бизнисмени до мене кои не се од Скопје за оваа работа дека биле уценувани и секако се знае, како постапува секој граѓанин, така постапува и премиерот – го пријавил тоа. Потенцирам, премиерот тоа го пријавил“,
изјави Зоран Заев.
Извори од обвинителството, за „360 Степени“, потврдија дека премиерот Заев е прв кој го пријави случајот пред Јавниот обвинител Љубомир Јовески и шефицата на Одделот за организиран криминал Вилма Русковска. Пријавата на крај била поднесена само усмено бидејќи, иако премиерот сакал самиот да поднесе и писмена пријава, му било сугерирано дека е најдобро тоа да го сторат тие кои дошле да се пожалат кај него.
Од кредибилни извори, „360 Степени“ дознава и дека, до овој момент, нема други лица кои му пристапиле на обвинителството со пријави дека биле уценувани од двајцата осомничени во „Рекет“.