Локални избори заедно со парламентарни нема да има, порача премиерот Зоран Заев откако изминатиов викенд лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште еднаш побара предвремени парламентарни избори за кои рече дека најдобар термин за одржување е заедно со локалните наесен.
Тој му порача на Мицкоски ако има мнозинство да го покаже, а не да лаже, зашто внесувањето таква непредвидливост е лоша за економијата, нагласи премиерот.
„Ја повикувам секоја партија која мисли дека треба да има предвремени парламентарни, нека се изјасни јавно за тоа. Коалициските партнери се апсолутно на ставот дека треба да има редовни избори. Дојде време да се работи и да се сработи до крај, а не постојано да се оди на избори. Еве, бевме на избори, прифативме, ја утврдивме евроатлантската агенда, и завршија изборите, и ВМРО-ДПМНЕ изгуби. И сега повторно да одиме на предвремени? Зошто? Затоа што така Мицкоски мисли? Не, нема причини зошто да одиме. Ако треба по стоти пат да повторуваме за тоа, ќе повторуваме. Парламентарно мнозинство за одлука за предвремени парламентарни избори нема, ако го има, бујрум, господинот Мицкоски нека го покаже и нека ја донесат комплетно одлуката. Така да престане да закажува заради свои внатрепартиски потреби одредени нереални агенди затоа што тоа е неодговорно и влијае врз економијата“,
изјави Заев.
Заев вели дека не стравува оти ќе го загуби мнозинството во парламентот, туку очекува тоа да расте бидејќи смета дека води исправни и европски политики, има искрени намери и работењето е транспарентно.
„Очекувам мнозинството да расте, немам стравови дека ќе се изгуби. Впрочем и 2,5-3 години истеравме мандат со мнозинство од 62, 63, 64, 65… Верувам дека имаме доволно стабилно мнозинство да носиме сериозни одлуки кои живот значат за граѓаните“,
вели Заев.