Премиерот Зоран Заев вели дека не може да му наредни на Јавното обвинителство, но може да апелира час поскоро да се заврши истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Но, она што може, вели, е да побара МВР да објави информации за извештајот за вештачењето, како и кои се причините за пожарот.
„Тоа треба да го објави МВР и чекам да го објават за да можам да бидам и јас информиран, а исто така и јавноста“,
одговори Заев на прашањето дали тој лично знае кои се причините за пожарот.
Откако ќе се објават информациите, премиерот тогаш ќе одлучува и за оставките на министерот и заменик-министерот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани.
„Знам дека делот од форензиката и вештачењето што го направи МВР се доставени до Јавното обвинителство и од тој аспект очекувам во следните денови да се објави од страна на МВР, а Јавното обвинителство може да продолжи со истрагата и да утврди други аспекти ако треба, но одговорот на прашањето од што е настанат пожарот и сите детали поврзани со настанувањето на пожарот очекувам да бидат јавно објавени за граѓаните да знаат. Тоа е и основата за да донесам одлука во врска со понудите оставки на министерот и заменик-министерот за здравство“,
рече Заев.