Тој напоменува дека ова не е цензура на комуникација, но е нешто од што граѓаните мора да бидат заштитени
Испратени се категорични барања до социјалната мрежа „Телеграм“ да ја избрише групата „Јавна соба“, информира премиерот Зоран Заев.
Тој вели дека државата нема да престане да инсистира на овие барања сѐ до конечно исполнување, во спротивно апликацијата ќе биде забранета за користење во земјава.
„Доколку апликацијата ‘Телеграм’ не го затвори каналот ‘Јавна соба’, каде што се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние што споделуваат слики и прават кривично дело“,
вели Заев.
Тој напоменува дека ова не е цензура на комуникација, но е нешто од што граѓаните мора да бидат заштитени.
„Денес ова се случува на ‘Телеграм’, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде што се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за ‘Телеграм’ и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“,
вели Заев.
Ги повика членовите на групата да престанат да споделуваат туѓи содржини и да излезат од таа група.
„На крајот на денот, ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности, е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес, се приведени во врска со случајот ‘Јавна соба’. МВР работи во координација со Јавното обвинителство за цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“,
додава Заев.
Тој испрати порака и до жртвите на ова насилство и ветува дека ќе се преземат сите неопходни чекори за заштита и казнување на сторителите.
„Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери. Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава“,
вели Заев.
Претходно, претседателот на државата Стево Пендаровски повика на итно разрешување на случајот, а министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информираше дека две лица од Велес и Битола се веќе приведени.