Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи, вели шефот на државата
Правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт, а тоа е Уставот на Република Северна Македонија. Деновиве повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“ кој фрапантно ја крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.
Тој во изјава за МИА, потенцира дека насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон.
„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!,
вели Пендаровски.
Случајот повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 7 илјади членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, жени и малолетнички.
Од МВР апелираат сите што се жртви на злоупотреби во групата „Јавна соба“ да се пријават во најблиската полициска станица, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема мерки за расчистување на случајот „Јавна соба“.
„МВР во координација со обвинителството презема соодветни мерки. Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата ‘Телеграм’, која досега демонстрира целосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја. Се разбира, ги користиме сите други активности што ни се на располагање за расчистување на овој случај“,
велат од МВР.
Но, една од жртвите вчера на социјалната мрежа Инстаграм изрази револт од односот што го добила од полицијата кога го пријавила својот случај – нејзина фотографија од социјална мрежа се нашла во групата каде што бил споделен и нејзиниот телефонски број, а голготата започнала кога стасале повиците со непристојни предлози.
Таа во нејзиното видео на Инстаграм вели дека од МВР добила одговор дека законот во вакви случаи ги штити малолетниците, но не и полнолетните лица.