Премиерот Зоран Заев денеска ќе донира амбулантно возило за болницата во Струмица, информираат од Владата.
Како што се најавува во соопштението, донацијата ќе биде реализирана на денешната работна средба со министерот за здравство Венко Филипче и директорот на општата болница д-р Наќе Гогов.
За недостигот од возила за транспорт на ковид-пациенти, директорот на струмичката болница алармираше и преку Фејсбук и побара граѓаните да помогнат со донации. Неколку часа подоцна, се премисли и го повлече статусот, а како причина ги наведе негативните коментари на социјалните мрежи.
По неговите дописи на социјалните мрежи, болницата минатата недела доби санитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување, кое досега го користеше Центарот за јавно здравје во Струмица.
Гогов рече дека до крајот на годината треба да пристигнат две нови амбулантни возила од Министерството за здравство, со што болницата ќе ги има сите услови за превоз на пациенти.