Според опозицијата, од снимките што беа објавени вчера се слуша како Заев тргувал со нелегално прислушкуваните материјали, додека лидерот на СДСМ тврди „разговорот потврдува дека ‘бомбите’ се дадени во СЈО и никаде освен во СЈО“
„Бомбите“ што беа објавени вчера се од периодот кога СДСМ беше во опозиција и само ја докажуваат нашата определба за расчистување со криминалот и криминалците во државата. Ова го посочи денеска лидерот на социјалдемократите Зоран Заев, откако вчера за него беа објавени четири снимки од разговор во кој се спомнуваат СЈО, граѓанските организации, изборите во 2016 година, но и бизнисменот Орце Камчев.
„Разговорите потврдуваат дека сум бил убеден дека граѓаните ќе поддржат демократски, а не режимски политики. Тоа, потоа, се докажа и на локалните избори во 2017 година и на претседателските во 2019 година. Денеска волјата на народот на избори е неприкосновена, а не е контролирана и штимувана како во време на ВМРО-ДПМНЕ и ‘груевизмот’“,
изјави Заев.
Тој рече дека во разговорите се потврдува и тоа дека граѓанските организации, особено во тоа време, се многу поблиски до демократските политики на СДСМ, наспроти, како што рече, режимските политики на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски.
„На таа тема јас многу добро знам дека нема сила што може да ги контролира невладините организации. Профилацијата на граѓанските активисти е специфична, односно слободарска и демократска,“
рече Заев.
Разговорот, според него, потврдува и дека бомбите се дадени во СЈО и никаде освен во СЈО. И дека Чауш, кој се спомнува во разговорот, можеби имал допир со снимките, кои биле преведувани од албански за да бидат објавени.
„Имаше шпекулации за т.н. Чауш, кој е член на СДСМ, дека имал разговори, па дека тие се пуштале. Можно е Чауш, кој е Албанец, но и некои други, да имале допир со снимките, но откако тие биле селектирани и дадени на преведување за да може да се објавуваат. Да не заборавиме дека во тоа време И Груевски и Ахмети беа власт, а ние бевме опозиција. Наша задача беше да ја објавиме секоја индиција што упатува на инкриминација на владејачките партии. И на крајот се потврдува мојата определба за расчистување со криминалот и криминалците. И не бегам од тоа. До ден денес сум на такви стојаишта“,
рече Заев.
На прашање дали очекува валкана кампања, Заев рече дека не посакува и се надева дека нема да има валкана кампања, додавајќи дека граѓаните доминантно ставаат акцент на тоа што им се нуди и програмски, но и кадровски во делот на нивната одлука, отколку на негативни кампањи. Тој апелира да се избегнува таков начин на кампањско однесување.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавата на Заев за „бомбите“, обвинувајќи дека од овие снимки „јавноста слушна како под целосна контрола на Заев и во негова служба е ставено рекетарското СЈО“.
„Во една од снимките тој најавува што ќе прави понатаму СЈО и како жестоко ќе се справува со неговите политички противници. Слушнавме и како Заев тргувал со нелегално прислушкуваните материјали раздавајќи ги по луѓе за да уценува политичари. Македонската јавност доби потврда за едуцираната претпоставка дека граѓанските организации, и оние финансирани од СОРОС, се под контрола на Зоран Заев.Раката на срце и благиот наклон на главата веќе не помагаат, никој повеќе не му верува на Заев. Не му веруваат на човекот кој ги пцуе и навредува, човек кој штом ја отвори устата лаже“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.