Лидерот на СДСМ Зоран Заев се јави со ироничен коментар по објавувањето на четири нови снимки од негов разговор со непознат соговорник, со кого разговара за изборите, за СЈО и за бизнименот Орце Камчев.
Тој напиша на фејсбук дека снимките сигурно ги објавил некој кој е задолжен за пи-ар во Владата или во СДСМ.
„После внимателно и детално размислување за тоа кој би бил мотивиран да ги пушти овие денешни разговори во јавност, конечно сфатив. Јасно е. Мора да е или Ацко Поповски, шефот на пи-ар на СДСМ или Марјан Забрчанец, шефот на пи-ар на Владата. Мора да е некој од нив двајца. Нема кој друг да е мотивиран да пушти вакви разговори во јавност. Тие се задолжени и тие најмногу работат за афирмација на нашите политики и ставови“,
напиша Заев на ФБ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека Заев „го пцуе народот“, откривајќи дека разговорот, всушност, е пред претходните парламентарни избори, односно пред лидерот на СДСМ да биде избран за премиер.
„Заев го пцуе народот и порачува ‘е**м ти таков народ’ ако и на изборите во 2016 не гласаат за него“,
се наведува во една од реакциите на ВМРО-ДПМНЕ.