Претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Зоран Заев, ги повика членовите и приврзаниците на сите партии, па и на владејачкиот СДСМ, да бидат одговорни во јавната комуникација.
„Во овој важен момент, а пред да започнат предизборните кампањи, ги повикувам членовите и приврзаниците на сите политички партии, вклучително и на мојата СДСМ, како и сите функционери, да бидат одговорни во јавната комуникација, да избегнуваат и да отфрлаат говор кој содржи или може да поттикнува навреди и клевети и секогаш да иницираат суштински дебати во однос на важните прашања“,
пишува Заев во Фејсбук-статус.
Тој вели дека СДСМ е против секаков вид говор на омраза, расизам и ксенофобија во нашата држава.
„Тоа секогаш остро сме го осудувале и ќе го осудуваме без разлика од каде доаѓа таквиот говор. Тоа, секако, се однесува и на говорот кој на каков било начин е антисемитски или така може да се толкува. Ние сме партија предводник на концептот Едно општество за сите – концепт кој ја препознава и признава различноста како водечка сила на нашето општество. Фактот што македонската Влада има министерка од еврејската заедница, свои претставници во управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите, а СДСМ има организационен секретар кој беше раководител во Музејот на холокаустот, е само дополнителен бенефит кон градењето заедничко општество“
пишува Заев.
Реакцијата на Заев доаѓа откако изминативе денови, по формирањето на техничката влада, во два случаи на социјалните мрежи, членка и симпатизерка на СДСМ беа обвинети за антисемитизам.
Првиот случај беше со хуманитарката Мерсиха Смаиловиќ, која од неодамна е и дел од партиската комисија на СДСМ за труд и социјална политика. Приказната за наводното ширење на антисемитизам започна на „Фејсбук”, каде Смаиловиќ ја коментираше „популарната“ фотографија на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, на која додека дава интервју (прво како министерка), во позадина се гледа знамето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во една од репликите на статусот на Смаиловиќ на „Фејсбук” беше направена паралела меѓу чинот на Мизрахи и поставувањето на албанското знаме во кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, на што таа коментира:
„Тоа е знамето на албанската заедница во Македонија, а нејзиното е класично партиско. Да беше Давидова ѕвезда никому ништо!!!”
напиша Смаиловиќ во фејсбук преписка на нејзиниот личен профил.
Потоа, дел од медиумите и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија дека шири нацистички пораки, иако Давидовата ѕвезда, освен што добила стигматизирачка конотација за време на Втората Светска Војна, е општо прифатен симбол кај Евреите и е елемент на државното знаме на Израел.
- поврзана вест: Хуманитарката Мерсиха Смаиловиќ под напад за антисемитизам
Вториот случај, за кој реакцијата стигна и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, се однесува на статус објавен од твитер-корисничката, Видана Бошкова Мицевска, која напиша дека техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која е Еврејка, „упаднала во фашистичка партија“. „Сигурно и кај нацистите во влада имало Евреи кои се бореле за плата и социјални права на Евреите“, напиша Бошкова Мицевска. ВМРО-ДПМНЕ ја поврза со СДСМ и обвини за антисемитизам од владејачката партија.
„Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и Еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви, се стимулирани од партијата на власт. И ова не е првпат, но овој пат е премногу. Фразата едно општество за сите ја претвораат во прогон кон неистомислениците. Нема работа која самите не си ја негираа, нема работа која самите не ја погазија. Јас ја разбирам нервозата присутна во СДСМ, дури можам да го разберам и стравот од пораз, но не можам да ја разберам омразата со која се служат и удираат ниско по оние кои не мислат исто како нив“,
напиша Мицкоски.