Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји попладнево имаше средба и со партиска делегација на владејачкиот СДСМ на која лидерот на партијата Зоран Заев истакнал дека очекува новата методологија на ЕУ за преговори да има фер пристап.
„Секој ден, секоја недела, секој месец е важен за реализација на реформите кои се важни за нас и за ЕУ. Ја очекуваме новата методологија и веруваме дека таа ќе има фер пристап и ќе се вреднува единствено по мерит-системот. Наш главен мотив и натаму е ЕУ и таа нема алтернатива, сè што зависи од нас ќе биде сторено како што беше и досега. Отпочнување на преговори со Северна Македонија ќе значи и позитивен сигнал за целиот наш регион“,
рекол Заев.
Претседателот на СДСМ потенцирал и дека земјава прави сè за да ги спроведе реформите, како и дека активно се спроведуваат договорите со Грција и Бугарија. Во Изборниот законик, пак, посочил, се вградени препораки од ОДИХР.
„Од страна на еврокомесарот Вархеји беше истакнато дека новата методологија за проширување се подготвува и дека наскоро ќе биде претставена пред земјите членки на Унијата. Вархеји посочи дека е важно државата да продолжи на европскиот курс, да продолжи со реформите, а особено значајно е носењето на новиот закон за јавно обвинителство, со што Северна Македонија уште еднаш ќе покаже дека е посветена на реформите важни за напредокот кон ЕУ“,
соопштија од СДСМ.
Покрај Заев, од редовите на социјалдемократите на средбата присуствувале и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ и Калинка Габер од Комисијата за европски прашања на СДСМ.
Вархеји се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а претходно и и со претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери. Сепак, во фокусот на јавноста беше средбата со премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, по која двајцата одржаа и заедничката прес-конференција.
Ова е прва официјална посета на Вархеји како нов еврокомесар за соседство и проширување.
*Поврзани вести:
Мицкоски до Вархеји: ВМРО-ДПМНЕ има план да ја стави државата на брза лента за ЕУ
Пораките од посетата на еврокомесарот Вархеји во сто збора
Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)
Вархеји: Ни треба одлука за преговори пред Самитот во Загреб
Спасовски: Вархеји најави предлог-методологија за преговори до крајот на месецов
Вархеји за бегството на Груевски: Се работи за национална способност, ЕУ нема што да каже