Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска треба да му го предаде мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Претседавачот на Собранието, пак, Талат Џафери најави продолжение на конститутивната седница и избор на претседател на Законодавниот дом.
Сепак, неизвесно е одржувањето на конститутивната седница, а од собраниските служби засега нема никакво известување. Седницата не е најавена ниту на на веб страницата на Собранието.
Во текот на денот треба да се одржи и заеднички состанок на лидерите на партиите од албанскиот политички блок што го иницира претседателот на ДУИ Али Ахмети.
На состанокот нема да присуствуваат Африм Гаши од Алтернатива и неговиот коалициски партнер и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села кои бараат одложување за наредната недела, по 17 август.
На лидерската кај Ахмети нема да оди ниту претседателот на Беса, Билал Касами, кој смета дека таков состанок треба да се одржи по формирањето на новата Влада.