Премиерот ќе му препорача на УО на Националната агенција за европски образовни програми да ја разреши директорката, поради „неетично постапување и индиции за несоодветно финансиско работење“
Премиерот Зоран Заев, на денешната седница, ја информирал Владата дека го прифатил барањето на вицепремиерот Љупчо Николовски и дека ќе му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова, поради, како што се наведува во владиното соопштение, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.
„Оваа постапка ја овозможува членот 23 од Етичкиот кодекс, според кој претседателот на Владата може да побара политичка одговорност, односно барање за поднесување оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување и да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции, при што врз основа на сознанијата и одлуките на Управниот одбор, ќе се запазат сите постапки за гарантирање на принципот за презумпција на невиност“,
информираа од Владата.