Поради интензивни врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патот Маврово-Дебар, а задолжителна e употреба на зимска опрема за тешки товарни возила на патниот правец Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, информира АМСМ.
Од таму велат дека сообраќајот на патиштата се одвива непречено по влажни коловози, со остатоци од кашест снег на планинските премини. На целата територија на државата, како што се посочува, паѓа снег со променлив интензитет.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.