Оние што не можат да подигнат пари од банкомат, од утре ќе можат да подигнат готовина од шалтерите во банките, но по азбучен ред, според првата буква од презимето на земјоделецот
Тутунопроизводителите денеска од 16 до 23 часот ќе можат да ги подигнат парите за субвенциите од банкомат, информира Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Движењето за вас во тој период ќе биде дозволено за да ја остварите таквата потреба, со списоци од Министерството за внатрешни работи. Максималниот износ на средства што ќе можете да го подигнете преку банкомат во текот на 24 часа е еднаков на дневниот лимит за подигнување готовина од вашата дебитна картичка, кој веќе е договорно утврден со банката чии услуги ги користите. Ве замолуваме, заради заштита на здравјето, при посета на банкомат да се придржувате до препораките за самозаштита, односно да сте на соодветно растојание додека чекате ред“,
се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
Оние тутунопроизводители што сакаат да ги подигнат субвенциите од шалтерите на банките, тоа ќе можат да го направат од утре, но по утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето на тутунопроизводителот.
- 21 април (вторник) презимиња кои започнуваат на А, Б, В, Г, Д; 22
- 22 април (среда) презимиња кои започнуваат на Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;
- 23 април (четврток) презимиња кои започнуваат на Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р;
- 24 април (петок) презимиња кои започнуваат на С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Препукувања меѓу власта и опозицијата
Коментирајќи ја исплатата на субвенциите, Љупчо Николовски од СДСМ порача дека тутунопроизводството е стратегиска гранка на земјоделството и дека откупната цена на тутунот расте, како и субвенциите по класи.
„Владата ја реализира исплатата на над 30 милиони евра субвенции за тутунот од оваа реколта. Минатите години, кога бев дополнителен заменик министер, ги согледавме сите проблеми, слабости и манипулации што режимот ги креираше само за уцени, закани и поткуп пред избори. Денес тоа е веќе минато“,
напиша Николовски на Фејсбук.
Дополнителниот министер за земјоделство, пак, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини власта за неажурност. Во неговата реакција на дописот на Николовски, тој обвинува дека исплатата на субвенциите доцни, а тоа, како што вели, ќе резултира со создавање метеж пред банкоматите.
„Исплатата на субвенциите доцни веќе три недели. Наместо на време да почнеа со исплата сега прават метежи по банки, ја злоупотребуваат полицијата и прават драма од нешто што требаше да помине како рутинска исплата. Почитувани, замислени величини. Субвенциите мора да ги исплатите, тоа е обврска и не се претставувајте како лажни хуманитарци“,
вели Трипуновски.
Според Трипуновски, во последните три години се врши нереална проценка и вештачки се обезвреднува тутунот на земјоделецот.