КАТО-системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на Буџетот, а за тоа кога ќе биде пуштен во употреба, очекувањата на Меџити се тој да биде подготвен до јуни следната година

За три месеци на Клиниката за радиологија и онкологија се очекува пуштање во употреба на нов акцелератор, најави министерот за здравство Фатмир Меџити при неговата денешна посета на Клиниката.
Според Меџити, по инсталација на новиот акцелератор, кој беше купен пред седум години, на располагање оваа клиника ќе има четири акцелератори кои ќе бидат наменети за потребите на пациентите со малигни болести.
„Согласно предвидената динамика во која се опфатени фазите на инсталација на системот, мерења, калибрации и моделирања, конечното пуштање во употреба се очекува да се реализира за период од три месеци“,
рече Меџити.
Министерот Меџити, исто така, информира дека пред неколку дена се завршени и последните стручни консултации со претставници за КАТО-системот, пред објава на тендерот потребен за негово враќање во функција.
„КАТО-системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на Буџетот, a со неговото ставање во функција ќе обезбедиме прецизно дозирање, безбедно чување на цитостатиците и долгорочна заштита од евентуални злоупотреби“,
додаде Меџити.
На прашањето кога би бил пуштен во употреба КАТО-системот, Меџити рече дека иако не може да се каже со сигурност, се очекува тој да биде подготвен до јуни следната година.