Тој пред Комисијата рече дека сега на Онкологија има стручен колегиум, односно т.н. онколошки конзилиум, на кој секоја среда во работната седмица се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија, со кој било лек од т.н. условен буџет, како и со лековите кои се на позитивна листа. Министерот информира дека една од безбедносните мерки е и ограничениот број на сестри, кој точно според распоред, се прави секој ден и се има увид која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек
Во врска со КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија, Меџити рече дека неколку месеци пред скандалот да излезе во јавноста се правеле финансиски анализи дали системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата. Со ребаланс на Буџетот, министерот за здравство кажа дека е обезбедно негово враќање во функција
Верувам дека кривично-правната постапка за овој многу сензитивен случај ќе има брза, правична и праведна разрешница, рече попладнево во Собранието актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити во обраќањето пред членовите на Анкетната комисија за утврдување политика одговорност за случајот „Онкологија“.
Во однос на политичката одговорност тој порача дека ако ја има, треба да се утврди чија е.
„Виновниците мора да се знаат со име и презиме. Единствено така ќе може да ја вратиме довербата на пациентите во здравствениот систем и да ги заштитиме професионалните здравствени работници од генерални обвинувања и понижувања“,
рече министерот за здравство.
Меџити, повикувајќи се на претходните излагања на сведоци пред Анкетната комисија посочи дека ова не е првпат да има истрага на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
„Од претходните излагања на сведоци пред Анкетна комисија, од тоа што го објавија медиумите, дознаваме дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година. Се води судски спор и за случај од 2019 година. Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат ѝ даде отказ од работа“,
рече министерот.
Тој нагласи дека откако ја презел функцијата министер за здравство, се залага да направи системски промени за да се спречат, како што рече, секакви злоупотреби и криминал во здравството. Пред да се дознае во јавноста за случајот „Онкологија“, тој посочи дека неколку месеци континуирано имал состаноци со новиот менаџмент на Клиниката.
„Кога стапив на функција, го разрешив организацискиот директор на Клиниката“,
потсети Меџити.
Министерот за здравство информира дека знаел оти на Клиниката постои КАТО-систем и како лекар невролог знае како се дијагностицираат тешки болести кај пациентите и како се препраќаат на Онкологија.
Според него, промените во менаџментот на Клиниката овозможиле секој пациент да ја добива препишаната терапија, согласно индикација, доза, типот на лекот, без никаква манипулација со лековите.
Тој пред Комисијата рече дека сега на Онкологија има стручен колегиум, односно т.н. онколошки конзилиум, на кој секоја среда во работната седмица се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија, со било кој лек од т.н. условен буџет, како и со лековите кои се на позитивна листа. Министерот информира дека една од безбедносните мерки е и ограничениот број на сестри, кој точно според распоред се прави секој ден и се има увид која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек. Тој влез е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневната болница.
Во врска со КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија која се дава на пациентите кои се лекуваат на Онкологија, Меџити рече дека неколку месеци пред скандалот да излезе во јавноста се правеле финансиски анализи дали системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата.
„Со новиот ребаланс на Буџет обезбедивме враќање на КАТО-системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“,
рече Меџити.
Министерот за здравство порача дека во неговиот мандат нема да бидат поштедени и заштитени неодговорните, непрофесионалните, независно од која политичка партија се.
„Заштитени се и ќе бидат заштитетни професионалните здравствени работници и пацентите“,
рече Меџити.
Нефункционалноста на КАТО-системот доминираше и во прашањата што до министерот ги поставуваат членовите на Анкетната комисија.
Меџити: Моја оставка нема да придонесе ништо
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, праша зошто КАТО-системот сè уште не е во функција, иако е оценет како одличен и „кога ќе видиме морална одговорност и оставки“.
„Поранешниот министер Венко Филипче искажа пофални зборови за поранешниот директор на Онкологија Нино Васев и економскиот директор кои направиле долг од околу 20 милиони евра. Значи, работеле недомаќински, а дали проблемите и долговите доаѓале од тоа што биле суспендирани контролните механизми, почнувајќи од системот за контрола на терапија, па препишување на терапија без стручен колегиум“,
рече Ристески.
Тој констатира дека министерот признава оти состојбата во здравството е алармантна.
„Вашиот претходник се фалеше (Беким Сали), се гордееше, а вие викате не е добро? Што сте презеле и зошто онаму каде сте разочарани нема промена на менаџментот, зошто се потребни промени, и дали ќе ни се случи некоја друга афера? Како чин на морална и човечка одговорност, дали министерот ќе си поднесе оставка бидејќи во негово време излезе на површина најголемата и најгрозоморна афера“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
На ова прашање министерот Меџити одговори дека неговата оставка нема да придонесе ништо, бидејќи, како што рече, работите што се случиле, се случиле пред тој да стапи на функцијата.
Пред Меџити, денеска пред Анектаната комисија сведочеше поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој рече дека пред тој да стане министер имало систем со кој не се знаело какви лекови им се даваат на пациетите со малигни заболувања и на дијабетичарите. Но, како што посочи тој, законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми.
На прашањето дали поранешниот директор на Клиниката за онкологија работел етички, Филипче рече дека Нино Васев е одличен професионалец и дека ако постои сомнеж во неговата работа, тоа треба да се истражи.
Филипче пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија. За време на неговиот мандат, како што рече, немало пропусти во работата на Клиниката.
Филипче рече дека додека тој бил министер за здравство, до него не стигнала информација дека за некој пациент нема лек.
Минатата недела пред Комисијата се обрати и поранешниот министер за здравство Беким Сали, како и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Сали рече дека побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на Клиниката, кој бил побаран од него.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година повеќепати ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби.
Во однос на ангажманот што го има МВР по последната постапка која е отворена, Спасовски рече дека се преземени низа активности насочени кон обезбедување доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида вештачења – едното вештачење е на електронските уреди и второто на медицинската документација, каде што имаат одземено над 50 здравствени картони на пациенти од Клиниката.
Јавното обвинителство за случајот „Онкологија“ отвори предистражна постапка, по пишувањата во дел од медиумите за разработена шема во која се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Од ОЈО Скопје во повеќе наврати соопштија дека станува збор за обемна документација која се вештачи, но и по повеќе од еден месец постапката на Обвинителството не е влезена во повисока фаза.