Посочи дека таа сума е далеку од она што му е потребно на ЈСП, но додаде и дека Владата излегла во пресрет кога требало да се интервенира за да се обезбеди нафта со цел автобусите да можат да сообраќаат и да превезуваат патници
За следната година предвидовме 120 милиони денари за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) за бесплатен превоз на студентите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од селото Црешево во скопска Гази Баба, каде присуствуваше на пуштање во употреба на спортска сала, а одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе донесе одлука за пренамена на средства за ЈСП, со цел да се обезбедат средства за бесплатен автобуски превоз за студенетите.

„Овие средства ги предвидовме за следната година. Претходната Влада не ги ни предвидела овие средства, ниту потпишала договор. Се работи за 120 милиони денари за следната година“,
вели премиерот.
Посочи дека таа сума е далеку од она што му е потребно на ЈСП, но додаде и дека Владата излегла во пресрет кога требало да се интервенира за да се обезбеди нафта со цел автобусите да можат да сообраќаат и да превезуваат патници.
„Се што е во интерес на граѓаните, ние ќе направиме. Граѓаните не смеат да трпат. Се разбира во рамките на нашите ингеренции. Не смеме ниту ние како Влада да излеземе надвор од нашите ингеренции, бидејќи утре ќе бидеме обвинети дека ненаменски сме потрошиле пари од буџетот“,
рече тој.
Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по вчерашната средба со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска упати апел до Владата и Министерството за образование и наука на денешната седница да ја донесат потребната одлука за продолжување на бесплатниот јавен превоз за студентите за следната година.
Инаку, студентите се соочуваат со можност да останат без бесплатен јавен превоз во Скопје од 1 јануари 2025 година.