Во врска со изјавите на премиерот кој кажа дека има чувство оти наскоро ќе се гонат високи функционери од претходната влада, лидерот на СДСМ рече дека нема од што да се плаши

Срушен е кредибилитетот на државниот јавен обвинител Ненад Савески, оценува лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по веста дека премиерот Христијан Мицкоски се слушнал со обвинителот на денот кога Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја запре истрагата за увозот на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Правејќи паралела со европските обвинители, Филипче рече дека, на пример, кај европската главна обвинителка Лаура Ковеси нема јавувања, што според него, е причина плус за власта да не ја сака Европа.
„Каде е сега кредибилитетот на обвинителот Савески и каков е кредибилитетот? За кредибилитетот на Мицкоски веќе знаеме дека го нема, затоа што дечкото секој ден ги потврдува лагите, односно му се разобличуваат. Дали ако нешто обвинителот направи или не направи, вие како новинар нема да го прашате дали сте се слушнале со премиерот, дали ви се јави? И дали нема премиерот да го прашате, ако нешто обвинителот направи или не направи, дали му се јавил на обвинителот? И дали тоа не се две легитимни прашања после една таква скандалозна изјава дека тие двајца се слушаат? Ова го нема во Европа. Е, затоа не ја сакаат Европа“,
рече Филипче.
За одлуката на ОЈО ГОКК за затворање на истрагата за увозот на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, Филипче вели дека нивниот партиски став е – кој и да го прекршил законот, вклучително и од СДСМ, треба да одговара.
360°: Од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Ислам Абази, сметаат дека одлуката за затворање на истрагата е политички мотивирана.
Венко Филипче: Не постои поскандалозна изјава во историјата на правосудството тука од тоа што прво Христијан Мицкоски кажуваше дека имаат чувство за едно, друго или трето и на тој начин му даваше насоки за работа на обвинителот Савески, за сега да го потврди неговиот став и пристап – да каже дека се слушнал со обвинителот, што е скандал од невидени размери! Ова во развиена европска земја, каде што функционира судството и демократијата, го нема.
Toj вели дека нема од што да се плаши и покрај изјавите на премиерот кој посочи дека има чувство оти наскоро ќе се гонат високи функционери од претходната влада.
Венко Филипче: Зошто ја би се препознал во тие изјави?
360°: Има ли нешто за што не спиете мирно? Нешто што ви создава немир?
Венко Филипче: Гледајте, многу афери ми исконструираа, многу афери пуштија во јавноста со цел да ми наштетат на угледот. Мора да знаат дека ќе одговараат еден ден креаторите на тие афери, уредниците на Орбановите медиуми. Да знаат дека тоа ќе го направам, затоа што мене ми е најважен образот.
Прашан зошто се препукува со медиуми, тој кажа дека не се работи за медиуми туку за црна пропаганда.
Венко Филипче: Тоа не е медиум, тоа е пропаганда. Тоа е црна пропаганда.
360°: Ама има ли медиуми коишто водат пропаганда во прилог на СДСМ?
Венко Филипче: Чекајте, не, апсолутно. Има објективни медиуми и има една мрежа октопод на пропагандни портали, телевизии и така натаму коишто беа и сè уште се под контрола.
360°: „Репортери без граници“ зборуваат за паралелни мрежи, кластери на медиуми – и на власта и на опозицијата.
Венко Филипче: СДСМ нема мрежа на медиуми.
360°: Не знам јас, еве „Репортери без граници“…
Венко Филипче: Еве јас одговорно ви го кажам: Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, јас лично, што и да има во партијата знам, сè знам како претседател на партија, и ги знам сите трикови како претседател на голема партија. Јас одговорно сега ви кажувам дека нема медиуми под наша контрола. Ние така не работиме. Јас не давам директиви, јас не конструирам афери, јас не оцрнувам луѓе. Па тоа дека има Орбанова мрежа на медиуми тука не го кажувам јас, независни репортери го кажаа. И само уште една работа – што направи Петер Маѓар сега пред некој ден? Медиумите коишто шират црна кампања – како кажа Петер Маѓар – да ги слушате во Унгарија медиумите на Орбан, вие ќе мислите дека во Германија веќе нема млади деца и дека пола Германија е иселена. Значи, укажува на пропаганда.
360°: Ако овде се 40 отсто „Орбанови медиуми“, таму 95 отсто беа. Па Петер Маѓар успеа да дојде на власт. Зошто се жалите на оваа ситуација?
Венко Филипче: Е па како, чекајте, полека. Па тоа не е здраво за општеството!
360°: Не е здраво, но таму здраво ли беше? 95 отсто беа под контрола.
Венко Филипче: Добро, но како што се собори режимот на Орбан, така и ние ќе го собориме овој режим.
360°: Ве прашав дали има нешто поради што не спиете мирно?
Венко Филипче: Таман работа. Апсолутно не.
