Изјавата на Мицкоски за политички реваншизам, според опозицијата, претставува директна закана за демократскиот плурализам, а неговото „чувство“ дека ќе следуваат конкретни постапки, како што додаваат, е јасен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси
Со ваквото однесување, користејќи ги двете функции, како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, испрати официјални писма до институциите на Европска Унија – Европска комисија, Европски парламент, како и до известувачот за Северна Македонија и амбасадорите на земјите членки, во кои изразува загриженост за состојбите со владеењето на правото во земјата, но и предупредува за нарушување на демократскиот и уставниот поредок и поделбата на власта.

Во писмата се посочува на основана загриженост за координирани обиди на извршната власт за влијание врз правосудните институции, што, според партијата, претставува ризик од политизација на судските процеси.
„Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам“,
наведено е во писмата, информираат од СДСМ.
Во писмата се цитира и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, која од СДСМ ја оценуваат како најава за можни политички притисоци и селективни постапки против поранешни функционери.
Од партијата сметаат дека ваквите пораки можат да се толкуваат како индикација за политички реваншизам и потенцијално влијание врз институциите, при што се нагласува дека тоа е спротивно на европските демократски стандарди.
„Имам чувство кога набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството итн., ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство. Оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам. Неговото ‘чувство‘ дека ќе следуваат конкретни постапки е транспарентен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси“,
велат од опозицијата за она што е наведено во писмата.
Со ваквото однесување, користејќи ги двете функции, како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури.
Партијата во писмата апелира до европските институции да ја следат состојбата и да реагираат, предупредувајќи дека ваквите практики се неспоиви со вредностите на Европска Унија.
„СДСМ документира организирана делегитимизација на правосудниот систем и бара итна реакција од европските институции, нагласувајќи дека ваквото однесување е целосно неспоиво со вредностите на држава која претендира за членство во ЕУ“,
пишува во партиското соопштение.
Од СДСМ додаваат дека остануваат посветени на европскиот пат на државата и заштита на демократските принципи и владеењето на правото.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена, како одговор на новинарско прашање за ставовите на опозицискиот СДСМ во врска со одговорноста на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека нема информации, но оти има чувство дека високи функционери од претходната влада на СДСМ, како поранешни премиери и нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени со одредени прогони.
Потоа упати критика кон опозицијата дека не покажува доволна самокритичност и порача дека доколку сака да биде кредибилна алтернатива треба јавно да го повика поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, да се врати во земјата и да се соочи со правдата.
Очекува опозицијата да покаже ист степен на критичност и во случаи кога поранешни функционери од нивните редови би биле опфатени во одредени прогони, предмет на истраги или судски постапки, односно и тогаш да излезат на прес-конференции и да ги повикаат на одговорност.
Потоа од СДСМ посочија дека изјавата на Мицкоски е обид за политички притисок и дефокусирање на јавноста.
Според партијата, премиерот, откако поставил свои кадри на клучни позиции во судството и обвинителството, се обидува преку институциите и медиумите да влијае врз јавниот наратив и да ги прикрие, како што наведуваат, вистинските процеси поврзани со криминал и корупција.
