ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи најавените блокади на „Ултиматум – Не благодарам“ кои денеска ќе се одвиваат на четири локации од 13:00 часот до 14:00 часот, а на секоја од блокадите ќе се обратат и партиски функционери, соопшти опозициската партија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека залудни се обидите на власта преку провокатори и преку исценирање на меѓуетнички судири да ги контаминира протестите.
„Народот недвосмислено, масовно и достоинствено кажува „не“ на ултиматумот и уцените содржани во предлогот, кој владата на Ковачевски е спремна да го прифати и на тој начин да дозволи бугаризација на Македонија.Доколку власта реши да го турка овој процес насила, спротивно на волјата на народот, тогаш ВМРО-ДПМНЕ уверува нема да дозволи вакво национално предавство и ќе гласа против Уставни измени , кои се дел од уцените во ваквиот предлог“
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак обвинуваат дека протестите не се против францускиот предлог, туку се обид на опозицијата да дојде на власт.
„Протестите на антиевропската коалиција предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица не беа против последниот европски предлог, туку нивната заднина беше неуспешен обид за рушење на Владата. Сега кога информацијата за европскиот предлог е во Собранието, сите тоа јасно можат да го видат. Крвавите сценарија со намерно создавање тензии, конфликти, загрозување на стабилноста во државата се всушност борба за гола власт.
соопшти СДСМ.
Вчера Собранието потврди дека го доби францускиот предлог од Владата како информација за предлог-преговарачка рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ. Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талата Џафери информираа дека согласно процедурите, материјалите добиени од Владата ќе се достават до пратениците, а потоа се очекува да биде свикана и седница.
Вечерва и утре нема да има протест, а наредниот е закажан за в недела во 19 часот пред Владата.
За денеска најавени се блокади на сообраќајниците во Скопје пред Владата, на патот Велес-Штип, Струмица- Радовиш и Прилеп кај Плетвар против францускиот предлог за кревање на бугарското вето и деблокада на македонските евроинтеграции.