Запленетите чадори и лежалки, согласно утврдената практика, се третираат како отпад и се пренесени во погон за рециклирање

Околу 100 нелегално поставени, фиксирани и заклучени чадори и лежалки на плажата Геракини, сместена помеѓу првиот и вториот крак на Халкидики, утрово беа отстранети и запленети во акција на Општина Полигирос, пренесуваат грчките медиуми.
Од општинските власти информираат дека опремата го узурпирала јавниот простор и го ограничувала слободниот пристап за сите капачи. На акцијата ѝ претходело официјално соопштение со кое граѓаните и туристите биле повикани сами да си ги отстранат реквизитите. Поради непочитување на повикот од страна на дел од сопствениците, општинските служби излегле на терен
На терен интервенирале општински службеници со помош на еден камион, две теренски возила и еден багер, а на акцијата присуствувал и заменик-градоначалникот Василис Фардојанис.
„Станува збор за интервенција што е со цел заштита на јавниот простор и спроведување на правилата што важат за сите. Општината ќе продолжи со контролите и интервенциите онаму каде што е потребно, со цел плажите на Општина Полигирос да останат чисти, слободни и достапни за жителите и посетителите“,
вели Фардојанис подвлекувајќи дека потегот не е насочен против никого.
Запленетите чадори и лежалки, согласно утврдената практика, се третираат како отпад и се пренесени во погон за рециклирање.
Минатата недела вакви акции спроведе и Општина Касандра на првиот крак на Халкидики, на шест различни локации, односно во подрачјата на Мола Калива, Неа Скиони, во Калитеа, Ханиоти, како и во крајбрежната зона меѓу Криопиги и Полихроно.
