„Огнената линија е многу долга. Овде на самото место се обидуваме да го прекинеме овој крак и тоа засега успешно оди со помош на дувалки и пратњачи. Помага и локалното население, но воедно овде е и доброволниот тим на Дирекцијата за заштита и спасување од Виница. Целта е да спасиме колку можеме повеќе вегетација. Тешко дека овој пожар ќе биде изгаснат брзо“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва изјави дека пожарот кај прилепското село Чаниште се движи во насока на село Крушевица, а линијата на огнот е долга со километри.
Моментно огнот е на средина помеѓу двете села.
„Огнената линија е многу долга. Овде на самото место се обидуваме да го прекинеме овој крак и тоа засега успешно оди со помош на дувалки и на пратњачи. Помага и локалното население, но воедно овде е и доброволниот тим на Дирекцијата за заштита и спасување од Виница. Целта е да спасиме колку можеме повеќе вегетација. Тешко дека овој пожар ќе биде изгаснат брзо. Утре наутро ќе продолжиме со ‘ертракторите’ и со полицискиот хеликоптер“,
изјави Ангелов.
Тој рече дека во гаснењето на пожарот учествуваат околу 30 доброволни пожарникари од Кочани и од Битола, како и пожарникарите од Прилеп.
„Сите заедно се обидуваме барем да го намалиме, да воспоставиме каква-таква контрола, бидејќи овде, како што реков, работиме со дувалки што во тревата се доста ефикасни. Моментално ветерот ни оди во прилог, но ако дувне во обратен правец, ситуацијата се менува“,
смета тој.
Пожарот кај селото Чаниште избувна вчера попладнето. Синоќа помина низ селото и направи пустош иако од ДЗС информираа дека изгорените куќи се или напуштени или сопствениците во нив ретко доаѓаат. Неколкумина жители вдишеле чад, но по лекарскиот преглед се во добра состојба.
