Меѓу активните пожари е и оној кај селото Чаништа во Прилепско, кој вчера попладне се прошири на два крака, едниот кон селото Зовиќ, а другиот кон селото Крушевица, зафаќајќи ниска вегетација
Во изминатото деноноќие, а заклучно до 7:30 часот утрово, на територијата на државата регистрани се вкупно 37 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, според извештајот, три и понатаму се активни, еден е ставен под контрола, додека останатите 33 се изгаснати.

Меѓу активните пожари е и оној кај селото Чаништа во Прилепско, кој вчера попладне се прошири на два крака, едниот кон селото Зовиќ, а другиот кон селото Крушевица, зафаќајќи ниска вегетација. Линијата на огнената стихија, како што соопштија синоќа од Дирекцијата за заштита и спасување, беше на средина меѓу двете сила, достигнувајќи должина од неколку километри, поради што во справувањето со пожарот се ангажирани бројни противпожарни екипи од неколку града.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов доцна синоќа информираше дека пожарникарите успеале да го сопрат огнот и да го повлечат под патот, со што е намалена опасноста за селото Крушевица.
Според Центарот за управување со кризи, активни се и пожарите на територијата на општина Студеничани, на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума, како и огнената стихија кај местото Видуш и селата Драгов Дол и Локвица, на територијата на општина Македонски Брод. Во овие места од огнот се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Под контрола, како што информираа утрово од ЦУК, е ставен пожарот на депонијата во Делчево, која гори неколку дена.
Од изгаснатите пожари, два биле на територија на општина Ѓорче Петров, два во регионот на Сарај, два во Штип, по три во Долнени, Кичево и Гостивар, по еден во Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица, Чашка, како пожарот што беше и на територија на Велес и на Зелениково.
Противпожарните екипи успеале да ги изгаснат и пожарите во Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово и Јегуновце, кој беше проширен и во скопскиот регион каде зафати дел од општина Сарај.
