Во врска со евентуалниот влез на трет мобилен оператор, премиерот денеска изјави: „Наш интерес е стандардот на граѓаните и свесни сме дека услугите коишто ги плаќаат граѓаните како резултат на овој дуопол којшто функционира, се можеби највисоки во регионот и во Европа и единствен начин да се стави крај на овој дуопол е да се промовира трет мобилен оператор. Па, ќе се измислуваат преку разноразни приказни, таа компанија била во соработка со кинески или веќе не знам какви ти не компании“
Унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG групација“, кој покажува интерес за влез на македонскиот пазар, во октомври мината година склучил стратешко партнерство со кинескиот производител на опрема „Хуавеи“, за што покрај медиумите, известува и самата „4iG“. А, „Хуавеи“, со законските и подзаконските измени направени во земјава во 2021 г., не може да ги помине условите за доверлив и безбеден добавувач
Откако „360 степени“ пред пет дена објави дека унгарската „4iG групација“, која е заинтересирана да стане трет мобилен оператор во земјава, има стратешко партнерство со кинески „Хуавеи“, што може да биде пречка за влез на нашиот пазар, премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со свој став за темата.
Премиерот уверува дека која било компанија што сака да биде дел од телекомуникацискиот пазар мора да ги исполни условите и критериумите во согласност со стратешката ориентација на нашата држава.
Информациите за партнерство на унгарската „4iG“ со кинески компании, премиерот Мицкоски ги оцени како „разноразни приказни коишто се измислуваат”.
Одговарајќи на прашањето која е причината за барање трет мобилен оператор, тој како примарен го наведе интересот на владата за заштита на стандардот на граѓаните кои плаќаат високи цени за услуги поради, како што рече, дуополот што во моментот функционира на телекомуникацискиот пазар.
Битката за трет мобилен оператор, според Мицкоски, ќе биде многу жестока бидејќи дуополот грчевито ќе се бори да ја задржи актуелната состојба.
„И тоа ни е јасно. Но, наш интерес е стандардот на граѓаните и свесни сме дека услугите коишто ги плаќаат граѓаните како резултат на овој дуопол којшто функционира се можеби највисоки во регионот и во Европа и единствен начин да се стави крај на овој дуопол е да се промовира трет мобилен оператор. Па, ќе се измислуваат преку разноразни приказни, таа компанија била во соработка со кинески или веќе не знам какви ти не компании. Нашиот став како влада е јасен, мора да го заштитиме стандардот на граѓаните, не можеме да дозволиме граѓаните да бидат жртва на овој дуопол којшто денеска функционира.
И, истовремено е јасен нашиот став дека која било компанија да сака да биде дел од пазарот и да биде трет мобилен оператор, мора да ги исполни условите и критериумите во согласност со определбите на државата, во согласност со стратешката ориентација и од тие земји да биде потеклото на опремата којашто евентуално би била вградена доколку се случи да имаме трета компанија којашто е заинтересирана“,
рече Мицкоски.
Премиерот дополни дека процесот сега е само на ниво на интерес и информација.
„Немаме никаков конкретен чекор. Доколку има некаков конкретен чекор, јавноста ќе биде благовремено информирана, но мораме да го започнеме овој процес за да го заштитиме граѓанинот од овој дуопол којшто во моментот, настрана што е целосно партизиран и октроиран во раководството од страна на некои минати влади кои во минатите седум години, жестоко влијае во кадровската политика кај овој дуопол. Истовремено, ние мораме да работиме на тоа да го заштитиме стандардот на граѓаните и услугите коишто ги добиваат. И нема да да се откажеме како влада, и јас како претседател на владата, од тоа да го заштитам стандардот на граѓаните и да добиваат вистинска услуга онаква каква што заслужуваат во 21. век“,
изјави Мицкоски.
За потсетување, на владина седница минатата недела министерот за транспорт Александар Николоски информирал дека е пристигнато официјално писмо за намери од унгарскиот телекомункациски оператор „4iG групација“.
Само неколку дена претходно, министерот Николоски беше во Будимпешта, каде што се сретна со претседателот на „4iG“, Гелерт Жасзаи.
Намерата на унгарскиот оператор „4iG“ за влез на домашниот пазар ја разбранува домашната политичка јавност пред сѐ поради фактот што станува збор за компанија која, според унгарските истражувачки медиуми, важи за една од омилените на премиерот Виктор Орбан.
Но, „4iG“ во нашиот случај, покрај релациите со владејачката постава на Орбан, носи и друго прашање – овој оператор има стратешко партнерство со кинески „Хуавеи“, што се коси со домашното законодавство кое бара набавка на современа 5Г-мрежа исклучиво од доверливи добавувачи меѓу кои не спаѓаат кинеските гигант, објави „360 степени“ на 8 август. Законот за електронски комуникации беше дополнет во 2021 година при што се предвиде дека телекомункациските оператори може да набавуваат опрема исклучиво од проверени и кредибилни добавувачи.
Партнерството меѓу унгарскиот оператор „4iG“ и кинески „Хуавеј“ датира од октомври 2023 година, за што известија не само медиумите, туку и самата „4iG“.
Темата е од 2020 година и мандатот на Доналд Трамп
„360 степени“ уште летото 2020 г. објави дека тогашната влада на премиерот Зоран Заев, по контакти со американски претставници, побарала од најголемиот телекомункациски оператор „Македонски телеком”, во кој државата има речиси 35 проценти удел, да ја преиспита намерата за купување нова опрема за 5Г-мрежа токму од „Хуавеј“. Зделката со „Хуавеј“ пропадна, а наместо кинеската фирма во игра влезе „Ериксон“ кој на „Македонски телеком“ му продаде опрема за 5Г-мрежа вредна 45 милиони евра. Таа е во функција од февруари 2022 г.
За можноста за влез на унгарски „4iG“ на пазарот во Северна Македонија, „360 степени“ побара став и од Амбасадата на САД во земјава зашто токму од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп беше инициран процесот со кој кинеските телекомуникациски гиганти завршија на „црна листа“ како некредибилни добавувачи на опрема.
„Веруваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбедува сигурен и етички 5Г-екосистем во Северна Македонија“,
рекоа од Амбасадата на САД во Скопје.