Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се се уште широко распространети, велат антикорупционерите
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) реагираше по објавувањето на извештајот на „Транспаренси интернешнл“, според кој С Македонија е на 111. место на рангирањето за индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година, заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата.
Од ДКСК во соопштение до јавноста велат дека индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ покажува дека, со освоените 35 индексни поени, државата стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од 5 места на ранг листата на земјите. Антикорупционерите изразија загриженост и порачаа дека за борба против корупцијата требаат и ресурси.
„Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но за ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се се уште широко распространети. Делувањето на ДКСК, покрај другите надлежности е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“,
се вели во соопштението.
Антикорупционерите посочуваат дека според методологијата, за оценката на државата користени се 7 извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи.
Од ДКСК додаваат дека за успешно завршување на детектираните случаи и надминување на воспоставените негативни состојби неопходна е и спроведливост на нејзините препораки, укажувања и иницијативи од страна на надлежните институции. Токму тоа велат, е констатирано и препорачано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот од 2020 година.