„Приштина нема желба да разговара за рационални и компромисни решенија. Можеби тоа го мислам само јас, можеби Европејците знаат подобро“, рече Вучиќ и изрази неверување дека проблемот за регистарските таблички ќе се реши пред 1 септември
И покрај оптимистичките изјави на дел од европските претставници, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави оти не гледа начин проблемот со приштинските регистарски таблички да се реши пред 1 септември и изрази уверување дека Косово сигурно ќе започне кампања за промена на тие таблички за Србите.
„Мислам дека нема да имаат голем успех во тоа иако косовскиот премиер Албин Курти во Брисел рече дека ќе бидат успешни и дека Србите ќе бидат заинтересирани да ги заменат регистарските таблички. Ќе видиме, тоа е процес кој нема шанси да се реши пред 1 септември“,
рече тој.
Во таа насока, Вучиќ рече дека останува да се види дали ќе има промени по претстојниот самит на „Отворен Балкан“ и посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и некои други европски претставници, но дека му се чини оти во моментов нема можност за напредок.
„Приштина нема желба да разговара за рационални и компромисни решенија. Можеби тоа го мислам само јас, можеби Европејците знаат подобро“,
рече тој.
Тој додаде дека Србија е секогаш на страната на меѓународното право во сите случаи и меѓународни спорови и дека единствената официјална политика на Белград е почитување на Повелбата на ОН и сите меѓународни резолуции.
По интервенција на претставниците на САД и ЕУ, Србија и Косово на 27 август постигнаа договор за спорното прашање за личните документи. Сепак, проблемот со регистарските таблички продолжува да ги заострува односите меѓу двете земји.
По договорот за личните документи меѓу Србија и Косово, косовскиот премиер Албин Курти им се заблагодари на сите за поддршката и трпението и истакна дека реципроцитетот е во духот на принципиелните разговори што се водеа во Брисел.
Тој додаде дека им е благодарен на, како што ги нарече, посредниците, притоа мислејќи на комесарот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, претставник на ЕУ за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак и претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а особено до американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, за нивниот придонес.