За договорот за личните карти со Србија, косовскиот премиер Албин Курти во својата објава на фејсбук им се заблагодари на сите за поддршката и трпението и истакна дека реципроцитетот кој е постигнат е во духот на принципиелните разговори што се водеа во Брисел
Нормализацијата на односите мора да вклучува реципроцитет, што подразбира добрососедски односи, напиша на својот фејсбук-профил косовскиот премиер Албин Курти, по повод постигнатиот договор за личните документи меѓу Србија и Косово.
„Граѓаните на Република Косово, со документи за идентификација издадени од нашите земји, ќе можат да ја минуваат границата со Србија на сите гранични премини без пречки, дополнителни оптоварувања и задржувања“,
пишува Курти и додаде дека истото ќе важи и за оние кои доаѓаат од спротивната насока, при влез во Косово со документи за идентификација издадени од властите во Србија.
Курти во својата објава им се заблагодари на сите за поддршката и трпението и истакна дека реципроцитетот е во духот на принципиелните разговори што се водеа во Брисел.
Тој додаде дека им е благодарен на, како што ги нарече, посредниците, притоа мислејќи на комесарот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, претставник на ЕУ за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак и претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а особено до американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, за нивниот придонес.
Претходно денеска комесарот за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, објави дека Србија и Косово постигнале договор за спорното прашање за личните документи, односно дека Србија се согласила да ги укине документите за лицата со лични карти од Косово, додека Косово да не ги воведува за лицата со лични карти од Србија.