Според него, лицата дошле во Тиват за да обезбедат средина во која мислеле дека српскиот претседател би се чувствувал подобро, но, како што посочи, никој не го прашал за таквиот потег за кој, како што рече, сега тој ќе ја плати политичката цена
Објавувањето податоци и снимки од депортираните лица српскиот претседател го оцени како брутално кршење на законот и праша: „Кои сте вие да давате информации за нив“
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска попладне пристигна во Тиват, Црна Гора, каде што ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, а едно од првите прашања со кои го дочекаа новинарите се однесуваше на деведестината српски државјани кои вчера беа задржани на аеродромот во Тиват, а потоа вратени во Србија откако црногорските служби проценија дека претставуваат закана за внатрешната и националната безбедност на земјата.

Српските државјани беа вратени откако кај нив беа пронајден транспаренти со натпис „Србија победува“, кои партијата СНС на Вучиќ ги користи на своите митинзи, а црногорските служби соопштија дека, според нивните проверки, дел од лицата претходно присуствувале на многубројни јавни собири со висок ризик, а некои од нив биле регистрирани како сторители на кривични дела и прекршоци со елементи на насилство.
Вучиќ не се согласува со ваквите квалификации и во изјава за медиумите по пристигнувањето во Тиват изјави дека во групата депортирани српски државјани нема криминалци, туку дека станува збор за активисти кои само сакале да ги развеат транспарентите.
Според него, активистите дошле во Тиват за да обезбедат средина во која мислеле дека српскиот претседател би се чувствувал подобро, но, како што посочи, никој не го прашал за таквиот потег.
„Денес би настапил сосема поинаку, би дошол тука и би рекол дека им се извинувам на нашите домаќини за глупостите што некој ги направил. Некои од моите соработници сакал да покаже дека сме способни да се бориме, бидејќи знаеја дека ќе закачат транспаренти и ќе пишуваат графити, за да можат и тие да закачат убав транспарент. Како што видовте, тие немаа оружје, немаа ништо грдо, навредливо против никого, не најдоа палка, боксирач или нешто слично. Тие приказни за дестабилизација беа сосема бесмислени. Можевте тоа да го решите на тој начин, секој можеше да ме повика, секој можеше да ми каже што сака: ‘ајде да го решиме тоа, Александар, тргнете ги тие луѓе. Дојдоа тука за да обезбедат подобра средина во која јас би се израдувал, но никој не ме праша затоа што воопшто не ми треба таква средина, најдобро се снаоѓам во тешка средина“,
им изјави Вучиќ на новинарите, пренесува Н1.
Тој не откри чија била одлуката да се испратат група активисти со тие транспаренти во Тиват, каде што Црна Гора го организира најголемиот меѓународен политички настан од прогласувањето на независноста во 2006 година, велејќи дека работи на тоа и дека тоа е внатрешно прашање.
„Беше многу погрешна политичка одлука некој да дојде тука и да закачи транспаренти. Тоа ми предизвика проблем. Им се извинувам на сите на кои тоа им предизвика непријатности“,
рече српскиот претседател.
На прашањето дали српските безбедносни служби ги проверувале депортираните лица, тој изјави дека меѓу нив нема криминалци, туку дека има само пет лица со кривични досиеја.
„Само, морам да ви кажам дека тоа е под просекот во кој било воз, кој било автобус, кој било авион. Само имајте го тоа на ум. Тоа е озлогласена лага дека станува збор за некакви криминалци, за активисти кои требало да донесат, да закачат некои транспаренти, некои чуда“,
рече тој.
Српскиот претседател рече дека сега тој е оној кој ќе ја плати политичката цена, ниту виновен ниту должен, но не поради однесувањето на, како што рече, тие момчиња, туку затоа што некој од неговата околина дал многу лоша политичка процена.
Вучиќ потоа рече дека во овој случај имало злоупотреба на лични податоци и изјави дека депортираните активисти на СНС се невини бидејќи, како што рече, никој не ги задржал.
„Да имаа нешто со себе, да имаа боксирач, да имаа нож со себе, ќе ги држевте во притвор. Бидејќи толку ужасно и нетрпеливо чекавте да ја прикажете Србија како дестабилизирачки фактор“,
додаде претседателот на Србија.
Инаку, црногорската полиција вчера соопшти дека на аеродромот во Тиват кај лицата кои со чартер-лет на „Ер Србија“ дошле од Белград, покрај транспарентите со политичка порака, биле запленети и комуникациски уреди.
Црногорската полиција објави и фотографии од депортираните лица, а дел од регионалните медиумите, анализирајќи ги фотографиите, меѓу нив идентификуваат активисти на СНС кои учествувале во разни активности на партијата , меѓу нив и настани поврзани против студентските протести што со месеци се одржуваат во Србија, организирање контрапротести, обезбедување настани на Српската напредна партија, но и напади врз неистомисленици со власта на Вучиќ.
Објавувањето податоци и снимки од депортираните лица, српскиот претседател го оцени како брутално кршење на законот и праша: „Кои сте вие да давате информации за нив“.
Одговарајќи на прашања од новинарите, Вучиќ рече дека дознал за заминувањето на српските граѓани кога таа група била запрена во Црна Гора, односно дека дознал со два часа задоцнување.

Говорејќи за запирањето на црногорските граѓани на граничните премини, Вучиќ рече дека српските државни власти се однесуваат реципрочно.
„Ги молам да не го прават тоа. Граѓаните на Црна Гора се наши браќа и сестри, треба да им биде дозволено да влезат во Србија“,
рече тој.
На 4 јуни камерите на Министерството за внатрешни работи на Србија инсталирани на граничните премини „Јабука“, „Гостун“ и „Шпилјани“ покажуваат колони возила што чекаат да влезат во Србија, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Медиумите во Подгорица објавија дека причината била ригорозна и детална контрола спроведена од српската гранична полиција. Министерството за надворешни работи на Црна Гора објави дека неколку црногорски граѓани побарале помош и појаснување на причините за постапките на српските гранични власти.
Претседателот на Србија, исто така, рече дека сака подобри односи со Црна Гора и најави дека ќе го покани претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, да ја посети Србија до крајот на годината.
Тој рече дека кога станува збор за односите меѓу Србија и Црна Гора, сите мора да бидат порационални и повнимателни.
Инаку, Вучиќ во Тиват престојува во услови на зголемени тензии на релација Белград-Подгорица.
Ним им претходеа обвинувањата на Вучиќ дека Црна Гора „увезувала“ наркокланови во Србија, што официјална Подгорица ги оцени како политички неодговорни изјави.
Тој, исто така, одби да присуствува на неодамнешната прослава на 21-годишнината од независноста на Црна Гора, наведува РСЕ, потсетувајќи на изјавата на Вучиќ дека ќе си плукне себеси и на својот народ в лице ако учествува во прославата на отцепувањето на Црна Гора од Србија. Властите во Црна Гора на тоа одговорија дека е неприфатливо и политички неодговорно годишнината од обновувањето на црногорската независност да се претставува како чин насочен против Србија.
Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) му препорача на српскиот претседател да не патува во Црна Гора на Самитот ЕУ–Западен Балкан поради утврден висок безбедносен ризик, но денеска тој изјави дека сепак одлучил да оди оти, како што кажа, е важно да ја претставува Србија и на сите на Самитот да им каже што мисли за нивните игри во кои за Србија зборуваат како за мала Русија.
