„Многу е важно таму да ја претставувам Србија. Одам за да им кажам на сите сè што имам за овие разни игри во кои Србија е претставена како мала Русија, а тие како измачени балтички земји, секогаш се загрозени од нас. Ќе зборувам за тоа, но во Црна Гора, затоа што не се плашам да ја кажам вистината“, рече српскиот претседател на прес-конференцијата во Белград со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта
Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека ќе присуствува на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тиват овој петок, и покрај тоа што Безбедносно-информативна агенција на Србија (БИА) му препорача да не патува во Црна Гора поради утврден висок безбедносен ризик.

По денешната средба во Белград со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, српскиот претседател рече дека го добил и го прочитал писмото од Безбедносно-информативната агенција, но решил дека ќе оди во Црна Гора.
„Одам во Црна Гора, многу е важно таму да ја претставувам Србија. Одам за да им кажам на сите сè што имам за овие разни игри во кои Србија е претставена како мала Русија, а тие како измачени балтички земји, секогаш се загрозени од нас. Ќе зборувам за тоа, но во Црна Гора, затоа што не се плашам да ја кажам вистината“,
рече Вучиќ на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Белград.
Во своето обраќање по средбата со Кошта, српскиот претседател му се обрати со зборовите:
„Се гледаме вечерва во Црна Гора, ако не претставувам хибридна закана.“
Изјавата на српскиот претседател доаѓа откако црногорската полиција вчера им забрани влез во земјата на група од околу 90 лица од Србија што пристигнаа на аеродромот во Тиват со чартер-лет, поради сомнение за субверзивни активности пред Самитот ЕУ-Западен Балкан. Според наводите на српските медиуми, кај нив биле пронајдени транспаренти со натпис „Србија победува“ кои партијата СНС на Вучиќ ги користи на своите митинзи.
