Од црногорската полиција навеле дека е утврдено дека дел од српските државјани кои дошле во Тиват еден ден пред Самитот ЕУ-Западен Балкан претходно присустувале на бројни јавни собири со висок ризик и дека некои од нив биле регистрирани како сторители на кривични дела и прекршоци со елементи на насилство, пишуваат црногорските медиуми
Според медиумите во Подгорица попладнево српските власти наводно одговориле со реципрочни мерки, при што државјни на Црна Гора не можеле да ја преминат границата со Србија
На српски државјани кои во среда (3 јуни) со чартер лет пристигнале во Тиват од Белград им бил забранет влез во Црна Гора и тие се вратени во Србија откако е утврдено дека претставуваат ризик за внатрешната и националната безбедност, соопшти црногорската полиција, јавуваат тамошните медиуми. По ова, со реципрочни мерки наводно реагирале властите во Белград кои, според медиумските извештаи, не дозволуваат црногорските државјани да ја преминат границата со Србија.

Имено, црногорските медиуми претходно објавија дека полицијата им забранила влез во земјата на група од околу 90 лица од Србија кои пристигнале во Тиват, а поради сомнение за субверзивни активности пред Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Сите патници на чартер лет од Белград до Тиват кои во среда претпладне биле задржани на аеродромот во Тиват при обид за влез во Црна Гора околу 16 часот се вратени во Белград со истиот авион со кој патувале, соопшти полицијата.
Службениците на Дирекцијата на црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност собрале оперативни и разузнавачки податоци кои недвосмислено укажувале дека станува збор за лица чие присуство на територијата на Црна Гора би претставувало ризик за внатрешната и националната безбедност, во однос на одредбите од Законот за странци, се вели во соопштението на црногорската полиција, што го пренесе весникот „Вијести“.
Сподед полицијата, станува збор за 87 машки лица и дека во наредниот период ќе им биде забранет влез во Црна Гора.
Од црногорската полиција навеле оти е утврдено дека дел од српските државјани кои дошле во Тиват еден ден пред Самитот ЕУ-Западен Балкан претходно присуствувале на бројни јавни собири со висок ризик, а некои од нив биле регистрирани како сторители на кривични дела и прекршоци со елементи на насилство.
Полицијата запленила и два автобуси со регистарски таблички од Србија, за кои, според извештаите постојат сомневање дека се наменети за превоз на гости од Србија кои пристигнале со чартер лет.
Црногорските медиуми го објавија списокот на патници во авионот, а весникот „Вијести“ пишува дека проценката на безбедносните служби била дека тие пристигнале како претходница на делегацијата на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој наредните два дена ќе се одржи во Тиват. Весникот наведува дека на списокот се наоѓаат лица обвинети за тешки кривични дела, кои опозициските медиуми и активисти во Србија со години ги етикетираат како блиски до претседателот Александар Вучиќ.
Повеќето од патниците, наведува весникот, се поврзани со режимот на Српската напредна партија (СНС), која ги ангажира за состаноци, обезбедување партиски простории и организирање протести за поддршка доколку е потребно.
Црногорските медиуми претходно објавија дека повеќе од 1 500 полицајци ќе го обезбедуваат самитот на 4 и 5 јуни во Тиват.
На самитот ќе се соберат учесници на највисоко политичко ниво. Меѓу нив се претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер Педро Санчез, италијанскиот премиер Џорџа Мелони и бројни други европски и регионални лидери.
Според медиумите во Подгорица попладнево српските власти наводно одговориле со реципрочни мерки, при што државјни на Црна Гора не можеле да ја преминат границата со Србија.
Според „Вијести“, до 19:30 часот, ниту еден црногорски државјанин не преминал во Србија преку граничните премини „Гостун“, „Јабука“ и „Драченовац“.
Извор на весникот рекол дека станува збор за привремена мерка што ќе трае кратко време.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во вторникот во парламентот на земјата изјави дека странски политички фактори и организираните криминални групи работат заедно против европскиот пат на Црна Гора, додавајќи дека Европската Унија сака да обезбеди максимална поддршка во борбата против ваквите влијанија.
„За првпат во Црна Гора имаме комбинација од геополитички актери и криминални групи кои работат против интересите Црна Гора и нејзиниот европски пат. Ги отворивме очите широко“,
рече Спајиќ.
