Војниците беа повикани да помогнат во стабилизирањето на состојбата во Казахстан, поради немирите кои беа предизвикани од зголемените цени на горивото
Повеќе од 2 000 војници на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Русија денеска почнаа да се повлекуваат од Казахстан, соопшти Москва. Војниците беа повикани да помогнат во стабилизирањето на состојбата во Казахстан, поради немирите кои беа предизвикани од зголемените цени на горивото.
„Единиците на мировните сили на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) ги исполнија поставените задачи и почнаа да подготвуваат воена и техничка опрема за натоварување во авионите на руското воено воздухопловство со цел да се вратат во постојаната база“,
се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), во кој членки се Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Ерменија и Таџикистан, објавија дека повлекувањето на трупите треба да трае околу 10 дена.
Протестите предизвикани од поскапувањето на горивото прераснаа во немири за време на кои безбедносните сили и демонстрантите се судрија на улиците низ Казахстан.
Претседателот Касим-Жомарт Токаев ги обвини демонстрантите нарекувајќи ги „терористи“, прогласи вонредна состојба и побара воена помош од ОДКБ на 5 јануари. Во вторникот, пак, Токаев ја прогласи мисијата на ОДКБ за завршена.