Во тетовската Технолошко-индустриска развојна зона ќе се произведуваат електрични возила. Веста ја објави првиот вицепремиер Артан Груби, кој на „Фејсбук“ сподели дека во сабота ќе се постави камен-темелник за нова фабрика од автомобилската индустрија. На денешната владина седница, како што пренесе Груби, била донесена одлука државата да инвестира околу 130 милиони евра.
„На годишнината на Охридскиот мировен договор, во сабота на 13 август, ќе го поставиме камен-темелникот на новата фабрика со современа технологија за производство на електрични возила во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово. На денешната седница на Владата ја одобривме државната помош за реализација на оваа инвестиција во износ од 130 милиони евра со што ќе се отворат 900 нови работни места“,
напиша Груби.
Веста за новата инвестиција за производство на електрични автомобили e-go ја потврдија и од Владата од каде информираат дека мултимилионската инвестиција од „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, Ахен, Германија во ТИРЗ Тетово ќе отвори 3 – 4 000 нови работни места.
„Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и, се разбира, за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили. Придобивките од оваа инвестиција се многукратни – од отворање нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании“,
информираат од Владата.
Дел од медиумите објавија дека всушност станува збор за инвестиција од 720 милиони евра, зад која стои мултинационалната компанија „Еколог“, чиј сопственик е од Тетово. „Некст.е.го мобиле“ е препознатлива по производство на мали елетрични автомобили, а во официјалните податоци достапни на веб-страната како претседател на бордот стои Али Везваи, кој се појавува и како заменик-претседател на бордот на директори на „Еколог“.