Во моментов на Клиниката за урологија во тек се две трансплантации на бубрег од починат дарител, информира Министерството за здравство. Двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години, кои подолго време се на дијализа, ќе добијат бубрег од 44-годишната пациентка на која вчера ѝ беше констатирана мозочна смрт. Рано утрово заврши трансплантацијата на срце кај пациент кој подолго време боледува од срцева слабост. Пациентот е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата.
Најголема благодарност Министерството за здравство упати за семејството за 44-годишната жена која ноќва спаси најмалку три животи.
„Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблиското семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти“,
велат од Министерството.
Тимовите за експлантација и трансплантација од Клиниката за урологија се предводени од д-р Сашо Дохчев и д-р Сотир Ставридис, кои изминативе 20 часа ги работеа интервенциите во операционите сали, а медицинскиот персонал од Клиниката за нефрологија и Клиниката за трансфузиологија ги подготвија младите пациенти кои ги примија органите.
„Во исчекување сме на следната трансплантација на коски, по експлантацијата која во раните утрински часови ја заврши тимот за трансплантација од Клиниката за ортопедија“,
се посочува во соопштението.
Трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат преку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова Мијовска.
Во изминатата една година во земјава се направени пет трансплантации од починат дарител и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.