Иран, вчера, јавно обеси човек осуден за убиство на двајца припадници на безбедносните сили. Ова е втора егзекуција поврзана со антивладините протести за помалку од една недела
Во главниот град на Иран, Техеран, осудени се 400 демонстранти на затворски казни поради масовните протести предизвикани од смртта на Махса Амини во полициски притвор, изјави денеска главниот градски обвинител.
„Во Техеран 160 лица се осудени на казни меѓу пет и десет години затвор, 80 лица на две до пет години и 160 лица на две години затвор“,
рече Али Алгаси-Мехр, пренесе новинската агенција ИРНА.
Функционер од иранското правосудство изјави дека и 70 други лица биле казнети за учество во протестите.
Иран, вчера, јавно обеси човек осуден за убиство на двајца припадници на безбедносните сили, објави судската новинска агенција Мизан. Ова е втора егзекуција поврзана со антивладините протести за помалку од една недела. Егзекуцијата беше осудена од САД и нивните сојузници.
Весникот „Етемад“ објави список составен од правосудните органи во кој се товарат 25 демонстранти за „водење војна против Бога“, обвинение кое се казнува со смрт според исламскиот закон.
Мохсен Шекари, кој исто така беше на списокот, беше погубен пред неколку дена, обвинет за напад на чувар на редот со оружје, поттикнување тероризам и блокирање пат.
Демонстрантите се заканија со одмазда споделувајќи ја пораката „Чекајте ја нашата одмазда“ на социјалните мрежи.
Иран се соочува со сериозни протести од средината на септември, откако 22-годишната Махса Амини, беше приведена од полицијата за морал поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување, а три дена подоцна почина од нанесените повреди во притворот.