Најмалку 24 Иранци се соочуваат со смртна казна за учество на протести во кои ја критикуваат владата, објави иранскиот дневен весник „Етемад“, пренесува Н1.
Весникот објави список составен од правосудните органи во кој се товарат 25 демонстранти за „водење војна против Бога“, обвинение кое се казнува со смрт според исламскиот закон.
Мохсен Шекари, кој исто така беше на списокот, беше погубен во четвртокот, обвинет за напад на чувар на редот со оружје, поттикнување тероризам и блокирање пат.
Правосудните органи најавија дека егзекуциите ќе продолжат. Сепак, „Етемад“ во извештајот апелираше до судот да ги разгледа смртните казни и да избегне понатамошни егзекуции.
Егзекуцијата на Шекари наиде на остра осуда во Иран и во странство. Но, иранските политички лидери, вклучително и претседателот Ебрахим Раиси, ја опишаа егзекуцијата како легитимен одговор на немирите низ целата земја.
Демонстрантите се заканија со одмазда споделувајќи ја пораката „Чекајте ја нашата одмазда“ на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, Иранците во странство планираат да одржат серија протестни собири на крајот на неделата.
Протестите започнаа по смртта на Иранката Махса Амини на 16 септември. Таа почина во полициски притвор откако беше уапсена поради кршење на исламскиот кодекс на облекување.
Покрај меѓународните санкции поврзани со иранската нуклеарна програма, Техеран сега се соочува со санкции за кршење на човековите права.