Од ОЈО Скопје потврдија дека ја примиле кривичната пријава и оти има лица кои се лишени од слобода и задржани во полициска станица. Дел од медиумите објави дека меѓу приведените е и член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски
Во случајот со продажбата на ниви во Делчевско, за кој денеска Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица, неколкумина се лишени од слобода.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за „360 степени“ велат дека кривичната пријава е примена и по неа се постапува и потврдуваат дека има лица кои се лишени од слобода и се задржани во полициска станица.
Колку и кои лица се лишени од слобода засега нема официјална информација и дали тие ќе бидат задржани 24 часа или помалку во оваа фаза од постапката, се очекува повеќе информации да бидат познати утре.
Во случајот станува збор за продажба на парцели од физички лица на компанијата ЕВН за 40 пати повисока цена од реалната.
Дел од медиумите, пак, јавија дека меѓу уапсените се и В.И. кој е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и Д.Т. кој е поранешен советник од оваа партија во Општина Делчево.
Со реакција дека во случајот се вмешани лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, попладнево се јавија и од СДСМ.
„Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои јавноста беше информирана пред локалните избори добива епилог. Поднесени се кривични пријави против седум лица, дел од нив функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски. Сите тие се сомничат дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра. Аферата криминални плацови води директно до Мицкоски и Белиот дворец“,
велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека со новите критични пријави излегло на површина дека „вака оркестрираното обвинителство“ не можело да најде ништо спорно кај Христијан Мицкоски, наспроти диригираните лаги од центрите под контрола на СДСМ. Доколку имаше и најмал сомнеж, велат од опозицијата, партиските обвинители и инспектори кои работат исклучиво по нарачка на СДС ќе направеа голем скандал од случајот.
Во соопштението од партијата во еден дел наведуваат и дека „посоченото лице во случајот никогаш немало работен однос во ВМРО-ДПМНЕ“, меѓутоа не е прецизирано дали се алудира на пишувањата дека меѓу приведените е и телохранител на Мицкоски.
„Посоченото лице во случајот никогаш немал работен однос во ВМРО ДПМНЕ, а сè друго претставува фабрикувана и злонамерна лага од СДСМ да се одвлече вниманието од инфлацијата, поскапените производи, сиромаштијата, неуспесите на владата. За разлика од СДСМ јасно кажуваме дека секој кој се огрешил прес законот треба да одговара низ законита и транспарентна постапка“,
пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Дека дел од лицата инволвирани во случајот се поврзуваат со опозициската партија, „360 степени“ пишуваше лани во ноември.
„На договорите со кои ЕВН Електрани го купува земјиштето, во име на компанијата, како управители се јавуваат лицата Мирослав Митровски и Игор Гиевски од Скопје. Митровски не е познат во јавноста надвор од својата област на работење, но Гиевски има политичка кариера. Тој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен советник во Град Скопје од редовите на истата партија. Едниот продавач, Дарко Т., исто така има врски со ВМРО-ДПМНЕ, бил советник во Општина Делчево од 2013 до 2017 година. Продавачот Влатко И., пак, според објави на Твитер од почетокот на годинава, бил или е член на обезбедувањето на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски“,
пишувавме во ноември 2021 г.
Кривичната пријава која денеска ја поднесе Управата за финансиска полиција опфаќа седум лица.
Прво и второпријавениот се управители во ЕВН кои финансиската полиција ги сомничи дека со изготвување анализи на трошоци и добивски со лажни податоци односно несоодветно земјиште претставувале како соодветно, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да одобри купување ниви за изградба на фотонапонски централи. За таа цел биле склучени договори со четврто, петто и шестопријавената од кривичната пријава на финансиската полиција.
Нивите кои тие ги продале на ЕВН претходно неколку недели ги купиле прикажувајќи ги како дар.
„Четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да помогнат во реализацијата на кривичните дела извршени од страна на првопријавениот и второпријавениот, а по добиени насоки, совети и упатства од третопријавениот, во периодот од 01.09.2021 година до 17.09.2021 година склучиле вкупно деветнаесет договори за дар на недвижен имот со повеќе физички лица, кои договори во својата суштина се договори за купопродажба на недвижен имот, имајќи предвид дека на лицата дародаватели на денот на склучување на договорите им биле исплатени парични средства во кеш со средства обезбедени од страна на третопријавениот“,
соопштија денеска од Управата за финансиска полиција.
Склучувањето на такви фиктивни договори за дар, велат од финансиската полиција, било со цел да се избегне обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за продажба на земјоделско земјиште.
„Со таквото склучување на фиктивни договори за дар пријавените лица, свесно и со однапред утврдена намера, ја исклучиле можноста трета страна да се јави како купувач на конкретните земјишта, а се со цел пријавените лица да бидат единствени потписници на договорите за купопродажба на недвижен имот со ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и паричните средства согласно склучените договори за купопродажба да бидат исплатени на нивните лични банкарски сметки“,
наведоа од Управата за финансиска полиција.
Според соопштението од Управата, ЕВН исплатила 99 431 060 денари (околу 1,6 милиони евра) за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува вкупно 2 146 723 денари (околу 35 000 евра).