Ставот на ЕК всушност е одговор на барање за коментар по информациите дека неколку црногорски политичари и функционери на владејачките партии го глорификувале ликот на поранешниот командант на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ, кој почина вчера во Хаг, пренесе ХРТ
Европската комисија (ЕК) во петокот (28 август) соопшти дека секое величање на воени злосторници е спротивно на европските вредности и дека за тоа нема место ниту во Европската Унија, ниту кај кандидатите за членство.

Ставот на ЕК, всушност е одговор на барање за коментар по информациите дека неколку црногорски политичари и функционери на владејачките партии го глорификувале ликот на поранешниот командант на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ, кој почина вчера во Хаг, пренесе ХРТ.
Имено, во одговор на прашања на црногорскиот весник „Вијести“, од Европската комисија потсетиле дека Ратко Младиќ издржувал доживотна казна затвор за злосторства против човештвото и геноцидот во Сребреница, и дека тој бил воен злосторник кој бил прогласен за виновен од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и осуден на доживотен затвор во 2017 година. Таа пресуда, како што посочиле од ЕК, била потврдена во жалбената постапка пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови во 2021 година.
Меѓу црногорските функционери кои изразиле пиетет кон Ратко Младиќ, медиумите го издвојуваат претседателот на Собранието на Црна Гора и лидер на партијата Нова српска демократија (НСД), Андрија Мандиќ.
Мандиќ на социјалната платформа Икс објави дека му упатил сочувство на Дарко Младиќ во свое име и во име на НСД „по смртта на неговиот татко, генерал Ратко Младиќ“.
На ова реагира црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, наведувајќи дека односот кон семејството на починатиот не може да биде изговор за релативизирање на воените злосторства и истакна дека Црна Гора мора да ги почитува пресудите на меѓународните судови, јасно да ги осуди воените злосторства, да го заштити достоинството на жртвите и нивните семејства и да отфрли какво било глорификација и релативизација на воените злосторства.
Црногорскиот министер за надворешни работи и претседател на Бошњачката партија (БП) Ервин Ибрахимовиќ, исто така, упати реакција по постапката на Мандиќ.
„Правно осуден воен злосторник, и жив и мртов, заслужува само презир“,
напиша Ибрахимовиќ на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека сè друго е (не)скриено глорификација на криминалците, злосторствата, геноцидот и геноцидните политики.
Глорификацијата на воените злосторства ја осуди и потпретседателот на црногорската влада од дел од албанските партии, Ник Ѓељошај, истакнувајќи дека глорификацијата на правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ не е само однос кон минатото, туку и показател за вредностите што поединците ги претставуваат и денес.
Ибрахимовиќ и Ѓељошај се во владата, во која, како што наведува ХРТ, има најмалку четири министри и еден вицепремиер од Нова српска демократија на Андрија Мандиќ.
Владејачкото движење „Европа сега“ на премиерот Милојко Спајиќ засега не излегло со став за постапките на дел од политичарите од неговата коалиција.
