Против 39-годишникот, кој поседува турско и иранско државјанство, се води кривичната постапка во Вишиот суд во Њујорк по повеќе обвиненија и тоа – заговор за компјутерска измама, компјутерско хакирање и кражба на идентитет
Полицијата на Црна Гора објави дека во Котор е уапсен А.Б. (39), лице поврзано со Иранската револуционерна гарда, кое е барано од САД за организирани хакерски напади, компјутерски измами и кражба на идентитет.

Акцијата на црногорската полиција е извршена во соработка со Федералното истражно биро на САД (ФБИ).
Против 39-годишникот, кој поседува турско и иранско државјанство, се води кривичната постапка во Вишиот суд во Њујорк по повеќе обвиненија. Лицето е обвинето за три кривични дела.
„Обвинет е за заговор за компјутерска измама и компјутерско хакирање, како и кражба на идентитет, при што, како соработник на правно лице од територијата на Иран, извршил масовни хакерски напади врз инфраструктурата на Соединетите Американски Држави од 2013 година – на над 150 универзитети во Соединетите Американски Држави, предизвикувајќи штета проценета на повеќе од 3,4 милијарди американски долари“,
информираат од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.
Украдените податоци ги користел во интерес на Исламската револуционерна гарда и други ирански корисници, вклучувајќи ги и универзитетите со седиште во Иран.
Црногорската полиција соопшти дека А.Б. ќе биде изведен пред истражниот судија на Високиот суд во Подгорица во законски предвидениот рок, со цел негова натамошна екстрадиција до надлежните органи во САД.
