Во девет града се уште е едоцифрена бројката на регистрирани случаи на коронавирус
Во 18 града во земјава се регистрирани заразени со коронавирусот. Бројката на заразени е најголема во главниот град – 235, по што следува Куманово со 114 случаи, поради што од петокот се зголемени ограничувањата за движење во оваа најголема општина во државата.
Дебар, каде што првично беше прогласена кризна состојба, која трае се уште, сега е на трето место – со 49 случаи. Таму нема нови случаи во последното деноноќие. Се зголемува бројката на заразени во Прилеп – 33, па следи Тетово – 28, Струга – 24, Штип – 19, Кочани – 14 и Велес со 10 болни.
Едноцифрена е се уште бројката на заразени во Битола – 6, Охрид – 3, Гостивар, Гевгелија и Радовиш со по 4 случаи. Кавадарци, Струмица, Крива Паланка и од денеска Крушево имаат досега по два случаи на заразени.
Во општините кои административно се дел од градот Скопје, според податоците од koronavirus.gov.mk, најголем е бројот на заразени во Карпош – 35, па во Центар – 32, Кисела Вода – 30, Гази Баба – 23, Аеродром – 20, Ѓорче Петров – 18, Бутел – 10, Чаир – 9.
Од Министерството за здравство соопштија предмалку дека, по направената епидемиолошка анкета на лицата пријавени денес, за Тетово е утврдено дека едно лице е повратник од странство, сместено во државен карантин во регионот на Тетово, а е со место на живеење во Радовиш. Со тоа, во Радовиш, каде што првиот случај беше откриен во петокот, сега се дијагностицирани четворица со коронавирус, а бројката за Тетово е помала за еден, во споредба со првичното известување на Министерството за здравство, за денешните 72 нови заразени,
Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче, информираше за втор смртен случај во денешната статистика, односно за пациент кој починал во болницата „8 Септември“.
„Од Клиниката за инфективни болести, со два контролни теста, денеска дома заминуваат тројца пациенти во добра општа состојба. Дополнителни тестови се чекаат за четири пациенти, кои доколку се негативни по вторпат, утре ќе бидат исто така пуштени дома, во добра општа состојба. На Инфективната клиника во овој момент се хоспитализирани 74 пациенти, 15 се со тешка форма на манифестација на болеста, другите пациенти се со средно тешка клиничка слика и се во добра општа кондиција“,
потенцираше министерот Филипче, појаснувајќи дека искуствата покажуваат дека околу 80 проценти од инфицираните имаат лесна клиничка слика или се асимптоматски, така што хоспитализација се предвидува за пациенти со средна и лоша здравствена состојба.