Министерот за здравство, Венко Филипче, не исклучува укинување на кризната состојба во двете општини во блиска иднина
Индикација за стабилизирање на состојбата во кризното подрачје е и заминувањето на групата доктори кои беа на помош во дебарската болница
Во претходните 24 часа нема нов случај на заразен со коронавирус на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде од 13 март е на сила кризна состојба. Вакви беа четири од последните седум дена во овие две општини. Во преостанатите три дена заедно се регистрирани 4 нови случаи, со што вкупниот број на заболени во тој регион изнесува 49.
И покрај видното стабилизирање на состојбата, Дебар останува со највисока кумулативна инциденца од 176,5 заболени на 100.000 жители, по што следува Куманово со 65,2 заразени на 100.000 жители додека во Скопје инциденцата е 35,8 на 100.000 жители.
Лекарите што дојдоа да помогнат, заминаа од Дебар
Сепак, смирувачкиот развој на настаните во последните денови е причина од Дебар денеска да замине групата лекари специјалисти, кои во услови на потреба од дополнителен персонал, пристигнаа таму на 20 март.
Станува збор за инфектолог, педијатари и пулмолози кои, како што рече на испраќањето градоначалникот Хекуран Дука, заедно со нивните дебарски колеги дадоа непроценлив придонес во заштитата на здравјето на жителите од оваа и општина Центар Жупа.
„Хуманизмот што е во душата на лекарите не знае за никаква разлика. Целта е да му се помогне на најсовршеното битие на планетата – човекот. Благодарност од дебарани за докторите Зекерија од Слупчане, Славица од Велес, Бесим од Тетово, Вангел од Скопје и Армир од Скопје за пожртвуваноста за здравјето на дебрани. Вашите колеги и граѓаните од Дебар нема да ве заборават“, пишува под заедничката фотографија на лекарите со првите луѓе на општината, објавена на веб-страницата на Општина Дебар.
Филипче: Можно е наскоро да ја укинеме кризната состојба
За тоа дали е можно набрзо да биде симната кризната состојба која беше прогласена во општините Дебар и Центар Жупа, зборуваше министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното интервју за „360 степени“.
Да. Во насока на тоа дека секојдневно ја следиме ситуацијата, согласно тоа како ќе се одвива и заздравувањето на заболените, односно дефинирањето дали се тие негативизирани, што е веќе постапка којашто почна. Првите брисеви на тие коишто се во добра здравствена состојба а беа на домашно лекување, се земени, се чекаат резултати. Согласно тоа и согласно новодијагностицираните случаи ќе се донесе соодветна одлука“,
рече Филипче.