Фатмир Лимани, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека ќе влезе во трката на локалните избори за градоначалник на Општина Кичево како независен кандидат.
Во изјава за Алсат, Лимани, освен што ја најави кандидатурата, упати и остра критика кон ДУИ и директно кон актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари.
„Ќе се кандидирам како независен од многу причини. Актуелниот градоначалник од 2002 година е претседател на партискиот огранок на ДУИ, беше заменик-министер, па директор на пошта. Вршеше и други раководни функции. Потоа стана градоначалник на Осломеј, па градоначалник на Кичево. Како единствен успех во целиот период може да му се смета поплочувањето на улици со бекатон-плочки, но и тоа мора да се провери бидејќи цена по која се набавени и целата зделка се сомнителни. Во истиот овој период, страшно и срамно е што основните училишта се уништени, а меѓу гимназијалците од градот бројот на корисници на дрога и алкохол надминува над 60 отсто“,
изјави Лимани.
Тој смета дека локалните власти во Кичево се виновни за очајната ситуацијата во која се наоѓа градот и дека нивните неуспеси влијаеле младите од Кичево да ги напуштат градот и државата.