„Со истекувањето на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП ‘Водовод’ од Скопје, се повлекуваат од контролата на квалитетот на водата. На ред се локалната власт и локалната самоуправа да се погрижат гостиварци и понатаму да пијат чиста и безбедна вода“, вели директорот на ДЗС

Водата за пиење во Гостивар е чиста и безбедна, а на територијата на Општината синоќа на полноќ истече триесетдневната кризна состојба, информира попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Со ова, рече тој, завршува директниот ангажман и надзор од страна на централната власт и државните претпријатија.
„Со истекувањето на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП ‘Водовод’ од Скопје, се повлекуваат од контролата на квалитетот на водата. На ред се локалната власт и локалната самоуправа да се погрижат гостиварци и понатаму да пијат чиста и безбедна вода“,
изјави Ангелов.
Владата ја прогласи кризната состојба во Гостивар на 20 јули откако локалната самоуправа не успеа самостојно да се справи со загадувањето на водата за пиење и епидемијата што засегна неколку илјади граѓани.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“-Гостивар со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба.
Од 14 август водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење откако резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје беа задоволителни.
Откако надлежните објавија дека водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење, опозицискиот СДСМ побара Владата јавно да ги објави целосниот извештај и анализите за водата оценувајќи дека по целиот случај несериозно и неодговорно е од граѓаните повторно да се бара да веруваат само на изјави.
Во врска со загадувањето на водата во Гостивар, СДСМ поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции. Оттаму ги обвинија за пропусти и непреземање мерки при загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
За случајот се уапсени директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште две лица.
