Таа истакна дека во рамките на расположливите можности се прави максимумот за рационално управување со јавните финансии, со фокус на намалување на непродуктивните трошоци

Буџетот на државата не е во лоша кондиција, наплатата на даноците се одвива во согласност со проекциите и земјата е далеку од банкрот. Ова денеска го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека во рамките на расположливите можности се прави максимумот за рационално управување со јавните финансии, со фокус на намалување на непродуктивните трошоци.
„Кога зборуваме за кондицијата на буџетот и за тоа нема пари, јас прво би рекла: А, дома сите имаме пари колку што сакаме? Далеку сме од банкрот и од тоа дека немаме пари. Никогаш буџетот немал простор за сè, ова не е првпат. Можеби јас како министер сега сум порестриктивна и не сакам да се трошат пари непродуктивно, затоа што по короната бевме сведоци на тоа дека пари се трошеа многу непродуктивно“,
рече таа.
Министерката објасни дека Владата се води од попесимистички проекции со цел да не се пробијат законската и психолошката граница на јавниот долг од 60 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).
Според неа, за разлика од претходните влади, актуелната власт внимателно го менаџира долгот за да го задржи под ова ниво.
„Како процент од БДП го држиме под 60 проценти, многу е тешко да ги менаџирате сите работи за да ја издржите психолошката граница. И во такви услови многу е подобро да проектирате малку попесимистичко сценарио и секогаш да се радувате дека ќе биде подобро од она што сте го проектирале затоа што немаме комоција. Друго е да имавме сега, денес, 50 или 55 проценти јавен долг во однос на БДП, па сега уште пет проценти да имаме простор да си правиме математика“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Сепак, вели таа, како држава тоа го немаме иако проекциите на ММФ и на Светската банка се под нашите за инфлацијата до крајот на годината.
Во однос на стапката на инфлација, Димитриеска-Кочоска посочи дека последните податоци потврдуваат дека постигнатите резултати се во согласност со зацртаните цели на Министерството за финансии.
Таа очекува инфлацијата до крајот на годината да остане стабилна и да се движи во границите од изминатиот месец.
