„Бараме фер, предвидлив и кредибилен европски процес, заснован на резултати, европски принципи и заемно почитување. Поддршката не се создава со една посета – таа се гради систематски“, нагласил Муцунски
Брзите промени во меѓународното опкружување ја потврдуваат потребата од натамошно јакнење на модерна, активна, професионална и самоуверена дипломатија, која навремено ги препознава предизвиците и можностите, отвора врати, создава партнерства и јасно ги застапува националните интереси.
Ова го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој денеска во Скопје се обрати на отворањето на Амбасадорскиот совет, на кој присуствуваа шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата.

Пред присутните дипломати, Муцунски нагласил дека во свет што се менува со брзо темпо, малите и средните држави немаат луксуз да бидат пасивни.
„Затоа ни е потребна дипломатија која предвидува, отвора врати, создава партнерства и јасно и достоинствено ги штити нашите национални интереси“,
истакнал Муцунски.
Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен врз процесот на европска интеграција и потребата од континуирано надградување на политичкиот ангажман на дипломатската мрежа во земјите членки на Европската Унија.
„Бараме фер, предвидлив и кредибилен европски процес, заснован на резултати, европски принципи и заемно почитување. Поддршката не се создава со една посета – таа се гради систематски“,
нагласил Муцунски.
Во таа насока, била потенцирана важноста од продолжување и продлабочување на контактите со владите, парламентите, политичките партии, бизнис-заедницата, медиумите, академската заедница и останатите релевантни општествени чинители.
Во делот на безбедноста, Муцунски потенцирал дека НАТО останува темелот на нашата безбедност и дека државата ќе продолжи да придонесува како кредибилен сојузник кон колективната одбрана, трансатлантското партнерство и стабилноста на регионот. Воедно, ќе продолжи продлабочувањето на односите со стратегиските партнери, регионалната соработка и градењето конструктивни односи со соседите.
Значаен дел од обраќањето бил посветен и на натамошното зајакнување на економската дипломатија. Врз основа на досегашните активности на дипломатско-конзуларните претставништва, целта е дополнително да се зголемат конкретните економски резултати – повеќе инвестиции, поголем извоз, отворање нови пазари, нови партнерства и дополнителни можности за домашните компании и граѓаните.
Во фокусот биле и натамошната модернизација на конзуларните услуги, дигитализацијата и врските со дијаспората, при што Муцунски нагласил дека континуираното унапредување на услугите и комуникацијата со граѓаните претставува важен сегмент од градењето доверба во институциите.
Дијаспората, пак, била истакната како значаен човечки, економски и интелектуален потенцијал, при што била нагласена потребата и натаму да се развиваат механизми преку кои нашите успешни граѓани во светот ќе можат полесно да инвестираат, да споделуваат знаење, да создаваат контакти и да придонесуваат кон развојот на државата.
Муцунски нагласил дека целта на Амбасадорскиот совет е досегашната работа и искуство на дипломатската мрежа да се преточат во уште подобра координација, поголема иницијатива и конкретни резултати.
„Силната дипломатија не се мери според бројот на средби што сме ги одржале, престолнините што сме ги посетиле или документите што сме ги потпишале. Таа се мери според интересите што сме ги заштитиле, партнерствата што сме ги изградиле, вратите што сме ги отвориле, инвестициите што сме ги донеле и можностите што сме ги создале за нашата држава и за нашите граѓани“,
додал Муцунски во обраќањето пред дипломатите.
Како што соопшти МНРиНТ, на отворањето се обратил и министерот за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.
Пред почетокот на Амбасадорскиот совет, на кој се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, шефот на дипломатијата Муцунски изјави дека целта во рамките на оваа сесија со претседателот на Владата е нашите амбасадори и генерални конзули изворно да слушнат кои се приоритетите за следната година и да добијат насоки за постапување по однос на нашите клучни стратегиските национални интереси.
